среда, 27. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

ЗА КУЛТУРАТА НА ГОВОРОТ или ЗА СОСТОЈБАТА НА МАКЕДОНСКИОТ СТАНДАРДЕН ЈАЗИК

ЗА КУЛТУРАТА НА ГОВОРОТ или ЗА СОСТОЈБАТА НА МАКЕДОНСКИОТ СТАНДАРДЕН ЈАЗИК

 Колумна на д-р Снежана Петреска:

Најнапред да го дефинираме насловот. Што е култура на говорот или култура на говорењето за македонскиот стандарден јазик?

Под култура на говорот можеме да кажеме дека се подразбира точно зборување, точно договорено зборување. Културата на говорот можеме да ја дефинираме и како по­читување на договорените вредности во јазикот низ сите делови (сегменти), кои учествуваат во говорната, во писмената и во писмено-говорната комуникација. Тие договорени вредности, пак, се создадени врз принципот на доминантното присуство на еден или на повеќе делови кај носителите на одредениот јазик. Тоа е начин да се издели стандардниот јазик од дијалектот и да се издигне како заеднички белег наспроти некоја друга заедница, од која е препознаен како нова заедничка вредност. Истовремено, тоа значи и идентификација на една етничка заедница, да може секој член од таа етничка заедница да каже: Да, ете сум јас!

Македонскиот стандарден јазик својата стандардна вредност ја темели на централните македонски говори (дијалекти). Тие дијалекти (прилепски, битолски, велешки, кичевски, претставуваат некоја најблиска јазична целина, со најмала разлика меѓу себе. Тоа зборува дека и најголем дел од населението е влезено во таа оптимална говорна близина.

При паѓањето одлука кој дијалект, кој говор, да влезе во основата на стандардниот јазик на една етничка зедница, секако дека се тргнува од мислата да се „преучува“ јазично колку е мож­но помал број од населението. Оваа мисла е совршено разјаснета (или барем така би требало да биде) за истражувачите на говорната комуникација. Една создадена говорна навика од детството се ме­нува многу сложено и многу тешко. За тоа имаме поткрепа и низ народната мудрост како поговорична мисла: Дрвото се вие дури е младо. Поради тоа, и поради фактот да има заеднички говорен и писмен белег еден народ, или една нација, се избира најмалата, најбезболната болка. Комуникацијата надвор од таа етничка заедница е многу отежната доколку една етничка заедница се претставува говорно и писмено преку своите дијалекти, односно доколку настојува да ги издигне дијалектите на стандарднојазична висина. Дијалектите се неисцрпно богатство за секој дел од стандардниот јазик. Без нив не би можел да се роди и стандардиот јазик. Но нивното влијание не може и не смее да зема хаотична и некомпетентна широчина.

Значи, културата на говорот е почитување, а најмногу употребување на договорените говорни вредности од фонетско (изговорно) до смислоразликувако рамниште со присуство на законитостите од сета динамична структура при говорната комуникација. Без почитување на тие договорени правила и без нивна употреба во секојдневната комуникација, не може да зборуваме за култура на говорот за македонскиот стандарден јазик, ами за култура на дијалектот или на дијалектите; или за култура на супстандардните белези дојдени по различни патишта. И оттука, кога говориме за културата на говорот, мислиме на договорените (општо прифатените) правила за македонскиот стандарден јазик.

Овој дел не се однесува на детската, ами на возрасната популација која некогаш била детска. За да видиме како да излеземе накрај и со проблемите во говорната комуникација кај оваа возраст, треба најнапред да ја утврдиме таа состојба: каква е кај фонолошкиот систем и во динамичната структура на исказот.

Најнови вести

Коронавирус