среда, 14. ноември 2018. Вести денес: 76
home Вести

За една недела нови 428 заболени од грип

За една недела нови 428 заболени од грип

Изминатата недела (од 8 јануари до 14 јануари), во Република Македонија се регистрирани 428 нови случаи на заболени од грип, што е зголемување за 74 отсто споредено со неделата пред неа (од 1 јануари до 7 јануари) кога беа регистрирани 246 заболени лица, се наведува во извештајот што на својата веб страница денеска го објави Институтот за јавно здравје.

Од Институтот наведуваат дека во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 5.475 случаи, постои значително намалување на бројот на заболени во втората недела, кое изнесува 92,2 отсто.

Најголем број заболени се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца се регистрира кај најмалите децата на возраст од 0-4 години.

Оваа недела најголем број заболени – 125 се пријавени од подрачјето на Подрачната единица Гостивар, а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Дебар (108,1/100.000 жители).

Во сезоната 2017/2018 вкупниот број на пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 1.756. Регистрираниот број случаи е помал за 94 отсто споредено со истиот период од минатата сезона (29.318).

Оваа сезона најголем број заболени лица 408 се регистрирани во Подрачната единица Гостивар и 269 во Центарот за јавно здравје Тетово, а најголема инциденца е регистрирана во Подрачната единица Дебар.

Во текот на втората недела од годинава, во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје тестирани се 16 материјали за грип. Од тестираните материјали, шест се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца ndash; два инфлуенца A (H1N1) pdm и четири инфлуенца Б.