среда, 27. јануари 2021. Вести денес: 107
home Вести

За „бербата“ на грозје, лозарските маки, безидејноста, „мерките“ и лицемерието на власта, пишува Љупчо Димовски

За „бербата“ на грозје, лозарските маки, безидејноста, „мерките“ и лицемерието на власта, пишува Љупчо Димовски

Досегашната владина пракса во делот на земјоделството и односот кон земјоделските производители е очигледната неконзистетност во најавеното, ветеното и оствареното. Сето тоа се сведува на најобична неискрена намера, невистина и на крај на измама, пишува пратеникот од коалицијата за „Обнова на Македонија“ Љупчо Димовски.

Во продолжение интегрално ви ја пренесуваме целата негова објава:

За „бербата“ на грозје, лозарските маки, безидејноста, „мерките“ и лицемерието на власта …

Досегашната владина пракса во делот на земјоделството и односот кон земјоделските производители е очигледната неконзистетност во најавеното, ветеното и оствареното. Сето тоа се сведува на најобична неискрена намера, невистина и на крај на измама.

Тоа се однесува и на последниот случај со лозаропроизводителите и овогодишната катастрофална реколта на винското грозје, како и во владината „кампања“ со ветувања на повеќе мерки за финансиска помош и покривање на штетата кај лозаропроизводителите.

Силните ветувања со дополнителни 2, потоа со 2+2, па 4 или 6 денари за килограм предадено винско грозје се сведоа на прилично нејасниот, ступиден и конечно како таков непотребен Предлог на закон за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Ковид 19 врз производството, откупот на грозје и винската индустрија, доставен во Собранието на Република Македонија, по скратена постапка.

Што е спорно во сето ова? Зошто Владата повторно комплицира во реализација на ветените мерки и дали воопшто тие можат да бидат завршени во законскиот рок кој токму тие самите себе си си ги задале?

И конечно, колку од тие ветувања навистина ќе завршат кај лозаропроизводителите и колку тие всушност ќе имаат полза од нив?

И уште нешто, дали лозаропроизводителите ќе бидат единствените кои се опфатени со мерките?

И дали лозаропроизводителите повторно се жртвувани и некои други да добијат или да одземат од тоа што им беше ветено?

Затоа се навраќам на вториот Ребаланс на Буџетот за 2020 година каде преку Ковид 4 мерките беше дефинирана ткн.програма за за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Ковид 19 врз производството и откупот на винското грозје, која и од страна на пратениците од опозицијата беше поддржана и изгласана.

Во Ребалансот Владата за оваа мерка предвиде 6,7 милиони евра?!

Меѓутоа, во доставениот Предлог на закон за финансиска поддршка наведени се 360 милиони денари, односно само 6 милиони евра?!

Значи мерката без никакво објаснување и спротивно од изгласаниот Ребаланс е намалена за 700 илјади евра! Зошто?
Тоа е првата недоследност од страна на Владата во низата други непридржувања кон ветеното, што ќе значи дека зборот не само што не е збор туку е обична лага.

Опозициските пратеници упорно укажуваа дека Ковид 4 поддршката, со наведените 6,7 милиони евра, кон лозаропроизводителите е разумно да се спроведе единствено со Измена и дополнување на тековната Програма за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и измена на Уредбата за поблиските критериуми за директните плаќања во кои ќе се дефинираат финансиските средства и критериумите за корисниците на средствата. Патем, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е сертифицирана институција која работи според ЕУ стандардите и на ефикасен начин за краток период може да ја спроведе исплатата.

Но, како и секогаш вистина се појавува, сега преку доставениот Предлог закон за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Ковид 19 врз производството, откупот на грозје и винската индустрија каде што се дефинирани 6 милиони евра, наместо ветените 6,7 милиони евра изгласани во Ребалансот на Буџетот.

Истовремено, овој Предлог закон во целост ја соголе неискреноста и лагата на Владата. Имено, од 6 милиони евра само 5,2 милиони евра се предвидени за лозаропроизводителите, а преостанатите 800 илјади евра за винарските визби, односно за финансиска поддршка за извезено вино во изминатиот период.

Значи од ветените 6,7 милиони евра поддршката за лозаропроизводителите се сведе на 5,2 милиони евра?!

Но, токму тие 800 илјади евра за винарските визби се причината за донесување на Предлог законот, затоа што единствено со ова законско решение во Владата сметале дека можат да се исплатат. Значи не се водело сметка за интересите на лозаропроизводителите туку за интересите на винарските визби. Повторно и по кој знае кој пат се фаворизираат моќниците од винарските визби на штета на трудот и маката на лозаропроизводителите!

Наместо финансиските средства на едноставен начин да се исплатат преку Агенцијата за финансиска поддршка, предложен е Закон со кој се отвара простор за исплата на винарските визби.

Едно дообјаснување за предметните потценувачки и смешни 5,2 милиони евра за лозаропроизводителите: со висината на предвидените 4 денари за килограм предадено винско грозје ќе биде поддржан род од помалку од 80 милиони килограми, што е уште еден апсурд во владините „политики“!
Ова е уште едно понижување за лозаропроизводителите!

Имено, според лозовиот катастар во Република Македонија има околу 25 илјади хектари под лозови насади. Тоа е приближно реколта од 240 милиони килограми грозје, од кои околу 50 милиони килограми е трпезно грозје, за кое нема особен проблем во пласманот, а преостанатите 190 милиони килограми се винско грозје!
Околу 40 милиони килограми винско грозје самите лозаропроизводители го преработуваат во домашните визби во ракија или вино.

Преостанатите 150 милиони килограми винско грозје се предмет на откуп од овластените откупувачи и производителите на вино, винарските визбиво што најдиректно е надлеќно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и оастанатите институции.

Меѓутоа, што станува со разликата од 80 милиони килограми винско грозје, субвенционирано со 4 денари за килограм, и преостанатите 70 милиони килограми винско грозје, ниту предадено, ниту откупено, а многу често и необрано!

Токму на ова опозицијата постојано предупредуваше, предупредуваше за лошото работење на Државниот инспекторат за земјоделство затоа што не беше извршена контрола на залихите на вино пред почетокот на бербата на грозје, која беше се само не организирана, предупредуваше на индолентниот однос на Министерството затоа што не ги заштити интересите на лозаропроизводителите, ниту пак обезбеди реала откупна цена, реагираше на неодговорното работење на Бирото за метрологија затоа што не е извршено баждарење на мерните ваги ниту на сондите за мерење шеќерни единици.
Опозицијата благовремено предупредуваше и искрено даваше предлози и сугестии за надминување на она за што беше свесна дека ќе се случи.

Затоа опозициските пратеници во Ребалансот, а сега и во Буџетот за 2021 година повторно предложија дополнителна мерка за интервентен откуп, односно плаќање за целото непредадено винско грозје.
Со сите основни субвенции за покривање на производните трошоци по единица површина, дополнителната субвенција од 2 денари и останатите ветени, а сведени на 5,2 милиони евра претставува потврда за владин краен цинизам и лицемерие во покривање на загубите на лозаропроизводителите и на нивниот род, кој во редовни вински години вреди околу 38 милиони евра!

Конечно, со кое право Владата донесе одлука да исплаќа буџетски средства за килограм предадено винско грозје и тоа да се смета на некој начин како исплата на дел од вредноста, односно откупната цена за килограм, а винарските визби да учествуваат со минимални 2 или 3 денари? Тогаш, Владата со народни пари извршила плаќања за сметка на винарските визби кои грозјето го добиле по минимална цена или бесплатно?!
Како Владата ќе знае дали субвенционираното и предадено винско грозје со Ковид 4 мерката навистина ќе се преработи во вински дестилат, а не во вино, кога во Македонија постои само една линија за производство на дестилат. На овие дилеми и прашања некој треба да даде сериозен и издржан одговор. Во спротивно истиот тој одговорот ќе треба да го даде пред други надлежни институции.

За разлика од несериозноста и неодговорноста на власта, опозициските пратеници со најголемо внимание се однесуваа кон овој проблем и во целост застанаа зад интересите на лозаропроизводителите.

Токму опозицијата беше одговорниот фактор во Собранието кој, во услови на работа на Комисијата за финансирање и буџет во фаза на амандманска расправа кога останатите собраниски тела не треба да работат, се согласи на оддржување на собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство за да се поддржи и да се даде „зелено светло“ на Предлог законот со што ќе се овозможо отварање на постапката за исплата на финансиските средства на лозаропроизводителите.

Меѓутоа проблемите тука не запираат. Самата Влада си задала ограничувачки рокови за делување на институциите. На Државниот инспекторат за земјоделство, на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и конечно на Генералниот секретаријата а Владата кој би требало да ја изврши исплатата на финансиската помош најдоцна до 26 декември, до затворањето на Буџетот за 2020 година?!
Од тие причини е паниката кај власта дали ќе се успее да се изврши исплатата. Во неверување дека опозицијата навистина и во овие услови ќе застане зад интересите на лозаропроизводителите како да посакуваше Предлог законот да не помине, за што од сите оружја ќе се обвинеше опозицијата како некооперативна, себична и сурова кон лозаропроизводителите?!

За крај една од небулозите во Законот е токму Генералниот секратаријат да се занимава со исплата на земјоделски субвенции?

Но, конечно криминалот со винарските визби некој мора да го покрие …

Невозможна мисија познавајќи го работењето на наведените институции.

Сакам да им упатам порака на лозаропроизводителите дека опозициксите пратеници и сите опозициски партии цврсто стојат во заштита на нивните интереси, дека во оваа неволја кога од СДС и од власта повторно се потценети, изиграни, изманипулирани и иазлажани ќе внимаваат и по секоја цена ќе настојуваат и она малку што треба да го добијат навистина да им биде исплатено тогаш кога им е најпотребно!
Пријателот со добра намера се покажува и помага тогаш кога е најпотребно.

Ние лозаропроизводителите и сите македонски земјоделци ги сметаме за наши добри пријатели на кои секогаш внимаваме, од времето на земјоделско селанската Влада па се до опозицискитете денови, пишува Димовски во својата објава.

Коронавирус