сабота, 28. ноември 2020. Вести денес: 8
home Вести

Втор ден собраниска расправа за Извештајот на ЕК за Македонија

Втор ден собраниска расправа за Извештајот на ЕК за Македонија

Собранието на Република Македонија  втор ден расправа  за Извештајот на Европската комисија, кој, според парламентарното мнозинство е реален со валоризација на почнатите реформи и укажување на слабостите, а според опозицијата, ветер во грб за новата власт која и покрај тоа не испорачува резултати во економијата и реформи во останатите области. Дел од дебатата помина и во меѓусебни обвинувања за преговорите за решавање на спорот за името.

Катерина Кузмановска од СДСМ истакна дека и покрај сите случувања на политички план во изминатата година Македонија се престрои на вистинскиот пат и доби има чиста безусловна препорака од Европската комија.

Во извештајот, посочи, повеќепати е спомнато и дека сите треба  заедно да се посветиме на целокупниот реформски процес.

– Датумот за почеток на преговорите уште повеќе ќе ги интензивира и ќе ги затвори тешките теми кои ги почнавме во целокупниот  реформски процес, како што се правосудството, владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформите во јавната администрација. Тоа ќе ни помогне да станеме составен дел од европските политички системи, рече Кузмановска.

Според Лилјана Затуроска  од ВМРО-ДПМНЕ, новата Влада не го искористила ветерот во грб што го добила од ЕУ и не ги спровела реформите. Извештајот е единствено позитивен околу политичките критериуми, не ја отсликува во целост реалната ситуација, бидејќи во него недостасуваат настани кои беа од исклучително значење за напредокот на државата, и не е оценет со повисока оценка од претходните, наведе Затуроска.

Таа смета дека позитивниот извештај се должи на претходните проекти и реформи, кои сега, како што забележа, ги нема во областите администрација, здравство, труд и социјална политика, судство, а економијата е најниско ниво.

Јагода Шехпаска од СДСМ во реплика побара вистинска конструктивност од опозицијата и да и даде помош на Владата во напорите за евроинтеграциите.

– Најголем исчекор од нула до четири има во поглавјето 23 за правосудството и фундаменталните права. Една земја која беше во најдлабока политичка криза по 2001 година постигнува ваков сериозне исчекор. Има напредок од двојка на четворка кај човековите права и слободи, рече Шехпаска.

Нејзината колешка Соња Мираковска од НСДП, смета дека Македонија има потреба од славење за добиената безусловна препорака за преговори за разлика од претходните условени.

– Во Извештајот е наведено дека Македонија постигна  одреден напредок и добро ниво на подготвеност во развивање функционална пазарна економија. Тоа е така затоа што Македонија 11 години не живееше во пазарна економија и имавме некој тип државна диригирана економија, рече Мираковска, оценувајќи дека сега Македонија се движи во вистинска насока.

За Зоран Илиески од ВМРО-ДПМНЕ  добиената безусловна препорака е за поздравување, но Извештајот е со најмала  просечна оценка 1,64.

– Тоа треба да не замисли и нас и вас, но имајте предвид дека вие управувате со државата и оти одговорноста е пред се ваша за да ги поправите недостатоците, рече Илиески, дополнувајќи дека  од 32 поглавја државата за осум има оценка „нула“, меѓу кои слободно движење на стоки, на работници, право на основање и слобода на обезбедување услуги,  политика на конкуренција, информатиучко општетсво и медиуми, рибарство, претпријатија и индустриска политика, заштита на потрошувачи и здравствена заштита.

Расправата ќе продолжи по редовната пауза на пратениците.

МИА

Коронавирус