вторник, 19. јануари 2021. Вести денес: 74
home Вести

Вработените во „Еурокомпозит“ и денеска на протест

Вработените во „Еурокомпозит“ и денеска на протест

Вработените во прилепски „Еурокомпозит“ втор ден протестираат и го блокираат два часа (од 12 до 14 часот) магистралниот пат Прилеп-Градско на излезот од градот пред Плетвар.

Претседателот на синдикатот Роберт Богданоски вели дека денеска разговарал со вицепремиерот Кочо Анѓушев кој најавил плата за вработените во текот на денот, разгледување на пакетот за технолошки вишок за 100 вработени и да се почне со работа за да се реши проблемот со оваа компанија.

– Денеска разговараме со вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој ни ја даде понудата: една плата да се исплати денеска за да го прекинеме штрајкот и да почнеме со работа. Денеска се сретнале со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески за да се донесат неколку одлуки меѓу кои 100 вработени да бидат опфатени како технолошки вишок. За сето во текот на денов да не известат што одлучиле. Сето тоа ќе го прифатиме за да почне да се решава нашиот проблем, но да ни се исплати просечна републичка плата, а не како нашата која е половина од тоа. Нам ни требаат гаранции и одлука на Влада дека проблемот со „Еурокомпозит“ и со изнаоѓањето инвеститор ќе се реши во овие шест месеци. Освен тоа, ни беше споменато дека ќе го почнат процесот и со смената на раководството на компанијата, изјави Богданоски.

Според Пеце Велјаноски, крајно време е да се реши нивната ситуација зашто по година-две не ќе остане вработен, зашто се пред пензија.

– Не сакаме повеќе да стоиме по патиштата, да си правиме себеси проблеми, ниту на другите. Бидејќи со години не лажеа, не бараме ништо освен писмена гаранција дека за шест месеци конечно ќе се решат работите, вели Велјаноски.

Во „Еурокомпозит“ има околу 260 вработени, а долговите се близу пет милиони евра, главно со неисплатени шест годишни придонеси и заостанати плати. Доколку не се најде заедничко решение, вработените најавуваат дека идната недела ќе протестираат пред Владата.

Коронавирус