четврток, 21. јануари 2021. Вести денес: 180
home Вести

Во Тетовско помалите реки се излеаа, Вардар и Пена на критично ниво

Во Тетовско помалите реки се излеаа, Вардар и Пена на критично ниво

Помали реки низ дел од тетовските села се излеаа од своите корита поради долготрајните врнежи од дожд, а за среќа немаат предизвикано поголеми поплави и штети. Такви се примерите со реките во Камењане, Порој, Речица и Фалише.

– Континуираните врнежи од дожд предизвикаа проблеми на патиштата што се покрај реките како што е во Камењане. Денес, Општина Боговина направи чистење на овој пат во оваа населба за да можат возилата да се движат без потешкотии. Чистењето ќе продолжи и во другите делови на улиците или селата, каде што е потребно, изјави градоначалникот на Боговиње, Албон Џемаили.

-Со оглед на излевање на реките во Порој, Речица и Фалише од утринава вработените од секторот за комунални дејности работат на отстранување на штетите предизвикани од излевање на водите од реките во атарите на трите села, информираа од Општина Тетово.

Во горниот тек на реката Вардар во Општина Јегуновце водостојот се зголемил за 114 сантиметри, па соостојбата е критична и пред излевање. Според мештаните уште малку дожд ако врне ќе има нова поплава.

-По нивите подвира вода, излегува на површината односно не се впива во земјиштето. Уште 15-20 сантиметри и може Вардар да излезе од корито, вели Горан Китановски од месната заедница на Раотинце.

Мештаните потенцираат на долгогодишниот проблем со неуреденото корито на реката Вардар како причина за поплавување.

-Коритото не е како што треба, уште малку ако има вода земјиштето ќе оди под вода. Потребни се два три дена врнежи и ќе надојде водата, изјави Ѕвонко, жител на Раотинце.

– Има многу дрвја паднати во Вардар кај Радуша меѓудругото, па и затоа нема проток не оди водата надоле. Пред две години имаше поплава, изјави Илија од Раотинце.

Голем водостој бележи и реката Пена во Тетово.

Најнови вести

Коронавирус