понеделник, 18. ноември 2019. Вести денес: 82
home Вести

Во „Стив Наумов“ нема топла вода, во „Гоце Делчев“ неисправни лифтови, МОН и ДСЦ молчат

Во „Стив Наумов“ нема топла вода, во „Гоце Делчев“ неисправни лифтови, МОН и ДСЦ молчат

Во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје повеќе од еден месец нема топла вода, велат револтирани студентите од овој дом, кои потенцираат дека никогаш одсега не се случило толку долг период да нема топла вода.

Ниту состојбата во домот „Гоце Делчев“ не е најсјајна. Таму според информациите до кои дојде нашата редакција, веќе подолг период не се сервисирани и сертифицирани лифтовите, а студентите стравуваат поради потенцијална опасност.

Курир се обиде да добие одговори од Министерството за образование и наука и од Државнот студентски центар „Скопје“ кој е надлежен за студентските домови „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски – Питу“. Оттаму засега нема никакви одговори на нашите прашања, иако тие беа поставени уште вчера.

Сегашната власт, додека беше опозиција ветуваше дека младите ќе бидат нивен приоритет. Во Планот за живот тие ветија повисок квалитет на високото образование, голем број поволности за студентите и поквалитетен студентски стандард.

Пред околу една недела во „Стив Наумов“ непознати лица во раните утрински часови се обиделе да влезат во неколку соби каде што спиеле студентите, пишуваа исплашени студенти на социјалните мрежи.

Од  она што може да се забележи од коментарите веднаш по немилиот настан била исконтактирана управничката која им рекла дека нема што да направи во ваква ситуација. Студентите прашуваат дали некој се грижи за нивната безбедност и дали некој ќе одговара за овој терор што им се случува.

Во изминатиот период, студентските домови се соочуваат со големи проблеми, особено со исхраната на студентите кои претстојуваат во нив, па така, пред само една недела студенти фотографираа бубачки  во храната, но и отпушоци од цигари.