понеделник, 18. ноември 2019. Вести денес: 145
home Вести

Во скопско Идризово ученици ја бојкотираа наставата поради немање албанска паралелка во повисоките одделенија

Во скопско Идризово ученици ја бојкотираа наставата поради немање албанска паралелка во повисоките одделенија

Десетици ученици Албанци во О.У. „Његош“ во Идризово веќе со години не го имаат правото од петто до деветто одделение да ја следат наставата на албански јазик. Револтирани за оваа ситуација, родителите и децата ја бојкотираа наставата и додаваат дека ќе продолжат со тоа до решавање на проблемот.

„Сакаме училиштето да продолжи до деветто одделение на албански јазик. До петто одделение учат на албански, потоа треба да се запишат во Гази Баба. Значи, треба секој ден да патуваат. 10 годишно дете да патува со автобус, тоа е тешко“, вели еден родител.

Кој е проблемот? Зошто да не одиш во шесто одделение?

„Затоа што тука е само на македонски, немаме на албански јазик во шесто одделение“, рече една ученичка.

Ти на кој јазик сакаш да учиш?

„На албански“, одговара таа.

„Ја бојкотираме наставата бидејќи не ни се дава можност да учиме на албански јазик до деветто одделение. Не ни се дава дозвола веќе со години. Пречката е кај училиштето и градоначалникот, кој не доставува барање до МОН“, рече Ризван Сефери, родител.

Родителите го обвинуваат директорот на училиштето, Никола Настевски, за намалување на бројот на ученици Албанци на списокот што тој го доставува до општина Гази Баба. Од општината, врз основа на тој список, во кој се наведува дека има само двајца ученици, велат дека не може да се отворат паралелки за толку мал број на ученици.

Новинарските екипи отидоа до канцеларијата на директорот, без присуство на камери, за да го прашаат дали тој побарал да се отвори паралела на албански јазик. Сепак, многу грубо ги отстрани новинарските екипи и се заклучи во својата канцеларија.

Министерот за образование, Арбер Адеми, вели дека министерството со кое тој раководи е подготвено, штом општината Гази Баба ја достави потребната документација и барање, веднаш да го одобри отворањето на паралелки. Однесувањето на директорот на училиштата кон новинарските екипи Министерот за образование го опиша како недозволиво и недолично за еден директор или педагог.

„Никој не смее да го загрози правото на децата да ја следат наставата на својот мајчин јазик. Комунициравме и со градоначалникот на Гази Баба и побаравме сериозно да го разгледа ова прашање и да го достави барањето до Министерството за образование, уверувајќи ве дека Министерството за образование ќе даде одобрение, за барањето на родителите да се реализира“, рече министерот Адеми.

Контактиран по телефон, градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, вели дека не е информиран за случајот, па додава дека по добивањето подетални информации, ќе излезе со став.

ИЗВОР: АЛСАТМ