петок, 19. април 2019. Вести денес: 155
home Вести

Во Скопје се одржа 23. „Македонска Олимпијада по информатика 2019“

Во Скопје се одржа 23. „Македонска Олимпијада по информатика 2019“

Во организација на Здружението на информатичари на Македонија и Меѓународниот балкански универзитет, изминатиот викенд во Скопје се одржа 23. Македонска олимпијада по информатика, во чии рамки покрај натпревар за ученици од нашата земја, како и во претходните две календарски години беше организиран и натпревар од интернационален карактер.

На натпреварот на кој знаењата во областа на информатиката ги презентираа 22 ученици од нашата држава, беа доделени три златни, три сребрени и четири бронзени медали. Најдобри резултати покажаа Мартин Динев од Валандово, Благојче Павлевски од Прилеп и Андреј Величковски од Куманово. Освен признанија за постигнатите резултати, медалистите добија и пригодни подароци од Сорсикс, една од водечките ИТ компании во земјата која воедно е и еден од спонзорите на Олимпијадата по информатика.

Од Сорсикс велат дека на најдобрите македонски натпреварувачи им претстојат интернационалните натпревари што годинава се одржуваат во Словенија, Азербејџан и Грција.

На интернационалниот натпревар во рамки на Олимпијадата по информатика 2019, учествуваа педесетина учесници од Бугарија, Турција, Белгија, Србија, вклучително и од нашата земја, при што првото место им припадна на двајца ученици од Турција, информираат од Сорсикс.