петок, 7. мај 2021. Вести денес: 68
home Вести

Во штипскиот регион се поставуваат гнезда за царскиот орел

Во штипскиот регион се поставуваат гнезда за царскиот орел

Почна поставувањето на 10 платформи за гнездење на царскиот орел, во близина на штипските села Судиќ и Трогерци.

Портпаролот на МЕПСО, Никола Стојанов вели дека гнездата се поставуваат на трасата на 400 киловолнтиот далековод, кој го поврзува македонскиот со српскиот електропреносен систем.

– Оваа акција е дел од проектите, кои се спроведуваат од 2012 година па досега. Во пет наврати се поставени 50 платформи за гнездење на царскиот орел. Интенцијата на менаџментот на МЕПСО е да дава поддршка на проекти, коишто помагаат во делот на заштита на заштита на животната средина, флората и фауната и за подобрување на општествените корисни практики, вели Стојанов.

Емануел Лисичанец од еколошкото друштво „Аквила“-Кавдарци истакна дека царскиот орел е степска птица, а оваа птица која е заштитена се наоѓа на црвената листа на Европа во видовите на изумирање.

– Со ова акција се надеваме дека ќе се зголеми популацијата на царскиот орел или барем ќе остане стабилна. Во Македонија има околу 30 активни гнездечки двојки и може да се рече дека сме лидер на Балканот во царските орли, по големина на територијата, каде што тие се наоѓаат, посочи Лисичанец.

Тој истакна дека поставувањето на гнездата во овчеполскиот регион има ефект, бидејќи веќе се заземени шест гнезда, а тоа значи 10 отсто од поставените платформи. Според Лисичанец, тоа е голем успех, бидејќи на птиците како што вели, им е потребно време за да заземат нова територија или да се формира нова двојка.

Платформите за царскиот орел се поставуваат од страна на електромонтерите на МЕПСО, а во соработка со еколошкото друштво „Аквила“.

Коронавирус