недела, 26. септември 2021. Вести денес: 85
home Вести

Во петок се затвора модуларната болница во Гостивар

Во петок се затвора модуларната болница во Гостивар

Модуларната болница во Гостивар до крајот на неделава ќе се затвори. Директорот на Клиничката болница – Гостивар д-р Јакуп Јакупи во телефонски разговор за Алсат рече дека болницата се затвора поради намалениот број на заболени, но и да се отстапи место за истражителите кои најавиле дека ќе вршат безбедносни проверки во болницата. По трагедијата во Тетово, доктор Јакупи вели дека секојдневно се прават безбедносни проверки, како на електриката така и на сите инсталации во неа.

На инфективното одделение во Гостивар има помалку хоспитализирани пациенти и амбулантски прегледи.

„На инфективното одделение сабајлево имаше 18 пациенти, од кои четири се испишани, занчи 14 пациенти, од кои седум се на кислородна поддршка. Двајца се во потешка општа состојба. Во модуларната болница имаме само тројца пациенти, не се на кислородна поддршка и рачунаме до петок да се пуштат и модуларната болница привремено да се затвори“, рече Ратко Наумовски, Инфективно одделение во болница Гостивар.

И додека едни се затвораат, планираните модуларни болници чии градби се во тек, од Министерството за здравство велат дека се одвиваат со планираната динамика. Во тек е велат оттаму – стручна консултација за градежните работи.

„Во тек се консултации и стручни согледувања, пресек по однос на изведените градежни и градежно-занатски работи со стручниот надзор, ангажиран од страна на Министерството за здравство. По согледувањето од стручниот надзор, а во врска активностите на терен се работи на дообезбедување на инфраструктурни приклучоци и запазување на временски рамки поврзани со градежниот процес. Притоа сакаме да напоменеме дека рокот за реализација изнесува 60 дена, односно два месеца“, наведоа од Министерството за здравство.

Тетовското обвинителство, пак, кое истражува од што настанал пожарот во модуларната болница ги добило документите од Министерството за здравство за градбата на монтажниот објект.. Но, обвинителството уште нема одговор до клучното прашање од што настанал пожарот во кој животот го загубија 14 лица, а 12 беа повредени.

Паралелно, се пролонгира предистрагата на Обвинителството за гонење на ораганизиран криминал и корупција за изградбата на сите 19 модуларни болници. Шефицата на ова обвинителство, Вилма Русковска сè уште нема добиено ниту еден документ од Бирото за јавни набавки и од Министерството за труд и социјална политика, иако досега требаше да ги анализираат. Тие документи треба да покажат дали имало неправилности при изборот на фирмата која ги градеше, како и кој дозволил модуларните болници да почнат да работат и во нив да се хоспитализираат пациенти. Прашавме и во МТСП кој одобрил технички прием, но одговор немаме.

Коронавирус