четврток, 13. август 2020. Вести денес: 115
Во живо

Прес-конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

home Вести

Во новиот собраниски состав пратеници од шест коалиции и партии

Во новиот собраниски состав пратеници од шест коалиции и партии

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, според проекцијата на ДИК за освоени мандати, во новиот собраниски состав ќе имаат помалку пратеници од досега, додека ДУИ и Алијанса за Албанците ќе ја зголемат својата застапеност во Парламентот.

Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ во новиот собраниски состав ќе има 46 пратеници, а во претходниот имаше 49. ВМРО-ДПМНЕ сега ќе има 44 пратеници, седум помалку од претходниот пратенички состав.

Двете партии на овие избори освоија и помалку гласови во споредба со 2016 година. За СДСМ гласаа 324.084, а во 2016-та 436.981 граѓани. ВМРО-ДПМНЕ сега доби 312.745 наспроти 454.577 пред четири години.

На вчерашните избори, сепак, одѕивот беше помал од изборите во 2016 година. На гласање вчера излегоа околу 923.000 граѓани или 51 отсто, а во 2016 гласаа 1.191.852 или 66,79 проценти. Овие избори се одржаа и во специфични услови на корона криза и гласање под посебни здравствени протоколи.

ДУИ која досега имаше 10 пратеници, во новото Собрание ќе има 15, а Алиојансата за Албанците која сега е во коалиција со Алтернатива од досегашните тројца го зголемува бројот на 12 пратеника. ДПА ќе има еден пратеник, наместо двајца како досега.

ДУИ на вчерашните избори доби 15.000 повеќе гласови во споредба со 2016 година или 101.432, а за Алијанса за Албанците и Алтернатива гласаа 76.425 што е за 40.000 повеќе од пред четири години.

Левица која прв пат влегува во Парламентот, и во новиот собраниски состав ќе има двајца пратеници, доби 37.057 гласови што е за 25.000 повеќе од претходните парламентарни избори.

ДПА, пак, доби 13.553 гласа, што е речиси двојно помалку од изборите во 2016 година.

БЕСА која на овие избори беше во коалиција со СДСМ, на претходните избори освои 57.868 гласови и имаше пет пратеници во Собранието. Пратеничката група на БЕСА потоа се подели, и тројца преминаа во Алтернатива која на овие избори е во коалиција со Алијанса за Албанците. (МИА)

Коронавирус