вторник, 15. јуни 2021. Вести денес: 186
home Вести

Во Македонија секој треба да има право на правично и фер судење, тоа го заслужуваат и лицата од „27 април“ со враќање на случајот на повторно судење

Во Македонија секој треба да има право на правично и фер судење, тоа го заслужуваат и лицата од „27 април“ со враќање на случајот на повторно судење

Во една демократска и правна држава, секој нејзин граѓанин, треба да има право на праведно, правично и фер судење. Во неколку наврати изминатиов период, тоа се случи со предмети како „Монструм“, во кој засегнатите лица се осудени за тероризам и во кој, во 2012 година свирепо беа убиени четири млади момчиња и еден рибар.

И покрај тоа што за осудените лица имаше правосилна пресуда, предметот беше вратен на повторно судење, кој на крајот од процесот повторо беа потврдени пресудите. Но, сепак добија можност повторно да ја докажуваат нивната невиност. Можност за повторно судење доби и случајот „Сопот“, при што осудените лица, по долги години лежење во затвор добија ослободителни пресуди.

И последниот случај кој ја бранува јавноста и за кој се почесто и погласно се зборува дека треба да се врати на повторно судење е случајот за настаните во македонското Собрание од 2017 година, наречен 27 април. Се почести и погласни се гласовите и на политичките чинители, дека овој случај не е тероризам и овие лица кои сега лежат во затвор, како претходните неколку, заслужуваат правично судење преку повторно отворање и враќање на случајот од почеток.

Прв, од политичките чинители кој ја отвори оваа тема и побара да се овозможи, случајот да се врати на повторно судење е лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Тој во неколку јавни настапи потенцираше дека луѓето осудени за собраниските настани, не се терористи и дека казните се драконски и делото за кое треба да одговараат е насилство а не тероризам.

„Она што ние го поддржуваме е правда. Никој не вели дека поддржуваме насилство. Напротив, во Македонија постои судска пракса, дел од случаите за кои има основано сомневање дека биле политички инструирани, да има повторно судење од почеток за да се аргументираат позициите на двете страни – на обвинителството и на лицата што се обвинети. Тоа е она за кое ние се залагаме“, изјави Мицкоски.

Прв кој се согласи со идејата на лидерот на опозицијата, Мицкоски е претседателот на државата, Стево Пендаровски. Тој во емисијата „Само Интервју“ изјави дека луѓето од 27 април не се терористи и дека случајот треба да оди на повторно судење и да се приложат нови докази.

„Јас луѓето првично ги прашував околу мене за какво кривично дело се гонат, јас знам дека такво кривично дело мислам формулација таква немаше на времето ниту во бивша Југославија, ниту во 90-тите години. Тоа е подоцна прифатено. Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, јас тврдам дека тие луѓе не беа терористи што влегоа“, изјави Пендаровски.

Нивните исти гледишта за овој настан резултираше со средба во претседателската резиденција „Вила Водно“, каде што и двајцата се согласија дека за тие лица не се бара амнестија, туку правда која треба да се овозможи преку приложување на нови докази што би овозможиле враќање на случајот од почеток на повторно судење.
Иако првично беше категорично против, премиерот Зоран Заев исто така го омекна ставот и вели дека ако има нови докази тогаш треба да има повторно судење за настаните за 27 април, односно за лицата кои се гонат за „Терористичко загрозување на уставниот поредок на Македонија“.

„Секој има право да отвори постапка за повторување на судење, доколку има нови докази, нови аргументи, а Судскиот совет е надлежен да одлучи за тоа. Ако се случуваат непринципиелни работи надвор од вредностите во коишто живее и верува огромно мнозинство од нашиот народ, тогаш значи системот на казнување губи смисла. Така што, секако никако помилувања, никако амнестии во тој дел. Правото како и сите граѓани го имаат и тие коишто се осудени за настаните од 27-ми април, ако има некои нови докази, ако има нови моменти. Секако како и сите и тие го имаат тоа право“, изјави пред некој ден Заев.

Дека лицата кои што сега лежат во затвор за собраниските настани од 2017 година, се согласува и претседателот на владејачката албанска партија ДУИ, Али Ахмети. Тој, овој став го има уште од пред неколку години, но истиот го повтори пак, во последните денови каде актуелна тема се токму лицата осудени за овие настани.

Ахмети смета дека квалификацијата „тероризам“ е претешка за учесниците во настаните од 27 април во Собранието.
-Овие настани се болни. Применето е насилство врз народните избраници, применета е бруталност, но не и тероризам. Се знае што значи тероризам и каква квалификација е „тероризам“. Така што, мислам дека органите на правдата треба да ја разоткријат целата ситуација, бидејќи станува збор за комплицирана ситуација, изјави Ахмети.

За да се нарече „тероризам“ требаше да биде поинаков начин на дејствување, вели лидерот на ДУИ, додавајќи дека толпата што влезе во Собрание била еуфорична и бесна.

Значи, се почесто и се погласни се барањата за повторување на судењето за немилите настани во македонскиот законодавен дом од 2017 година. Како и на неколкуте други случаи од кои некои ги споменавме погоре, така и на лицата обвинети за овој настан треба да им се даде можност за повторување на случајот, со прва цел да се тргнат дилемите за евентуални досегашни политички влијанија, така и одбраната да ја докажува невиноста на обвинетите лица, а обвинителството да ја докажува вината. После сето ова, се очекува органите на правдата да се стават на висина на задачата и предметот да го вратат од почеток на повторно судење.

Инаку, за немилите настани кои во 2017 година се случија во македонскиот законодавен дом осудени се 16 лица на вкупна затворска казна во траење од 211 години.

ЕУРО 2020

Македонија