понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 135
home Вести

Во Македонија нема сомнителни случаи на коронавирусот, да се почитуваат мерките за превенција

Во Македонија нема сомнителни случаи на коронавирусот, да се почитуваат мерките за превенција

Во државава не се забележани сомнителни случаи на корона вирусот, па дури и во препораките за патување издадени од повеќе земји, Република Северна Македонија е ставена во рамки на земјите со вообичаена доза на претпазливост при патување, соопшти Министерството за здравство, посочувајќи дека редовно се следи состојбата и се преземени сите мерки на заштита и превенција.

Согласно препораките на Светската здравствена организација, од Министерството за здравство апелираат граѓаните во целост да ги следат и почитуваат мерките за превенција и тоа: да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање на сирова храна и да се мијат задолжително рацете после секоја нејзина подготовка, а при подготовка на месо и јајца тие убаво термички да се обработат.

Од Министерството потенцираат дека треба да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари односно задолжително да се носат заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно, да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема, да се штити населението од настинки односно да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни, задолжително и често да се мијат рацете со сапун и вода и тогаш кога не се видливо нечисти или да се користи чистач за раце кој содржи алкохол, а при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката, а по употреба марамчињата да се фрлаат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни задолжително да се мијат рацете.

Од Министерството наведуваат дека граѓаните треба да бидат спокојни, системот за превенција од корона вирусот целосно функционира.

-На аеродромот во Скопје е поставена термална камера, имаме стручен медицински тим со кој раководи епидемиолог. Имаме доволно заштитна опрема со која дежурните екипи ќе постапуваат при евентуален транспорт на сомнителен случај, а деновиве ќе пристинат и околу 500 реагенси за испитување на корона вирус. Наш највисок приоритет е здравјето на граѓаните, пациентите и здравствените работници. Министерството за здравство продолжува будно да ја следи состојбата и редовно да ја известува јавноста, стои во соопштението.

Коронавирус