понеделник, 23. септември 2019. Вести денес: 0
home Вести

ВМРО-ДПМНЕ: Заев и неговата неспособна Влада немаат ниту знаење, ниту капацитет да ја развиваат економијата

ВМРО-ДПМНЕ: Заев и неговата неспособна Влада немаат ниту знаење, ниту капацитет да ја развиваат економијата

Економијата тоне со СДСМ. Во недостиг на конкретна развојна стратегија и економски политики кои ќе го зголемат животниот стандард на македонските граѓани, Заев и Анѓушев го претставуваат за успех растот на БДП кој е привид и последица на ниската стапка во истиот квартал лани, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од нивната реакција:

Имено привидот дека имаме огромен раст од 4,1% во првиот квартал од 2019 година е резултат на фактот што лани во истиот квартал стапката на раст беше исклучително ниска – 0,9%. Стапката на економски раст за секој квартал се мери споредбено со истиот квартал од претходната година.

Фактите се спротивни од тоа што го говори владата. Исклучително нискиот раст на преработувачката индустрија од 3% покажува дека мерките што оваа влада ги насочува кон приватниот сектор и индустријата преку т.н. План за економски раст не даваат некој посебен придонес за подобрување на конкурентноста и вкупниот економски раст на земјата. Напротив, видовме дека тие пари завршуваат во нивни или блиски до нив фирми. Тоа е причината зошто само Заев и Анѓушев се среќни со бројките додека македонските граѓани тонат во сиромаштија и очајно се иселуваат од државата.

Додека сите овие години објаснуваа дека поддршката на земјоделието и градежништвото од страна на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ се погубни политики за македонската економија, денес гледаме како се фалат со придонесот токму на овие два сектори како главна причина за економскиот раст во овој квартал.

Заев и неговата неспособна Влада немаат ниту знаење, ниту капацитет да ја развиваат економијата. Нема нови градинки, нема нови училишта, нема нови спортски сали, нема нови проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живот на македонските граѓани. Метлата мора да заигра за целата власт.