петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 158
home Вести

ВМРО-ДПМНЕ: Заев го понижува и лаже целиот македонски народ, со договорот со Грција директно се задира во идентитетот и јазикот

ВМРО-ДПМНЕ: Заев го понижува и лаже целиот македонски народ, со договорот со Грција директно се задира во идентитетот и јазикот

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Заев и Димитров потпишаа договор со Грција кој е штетен и капитулантски.

-Заев ги излажа граѓаните дека Република Македонија ништо не губи со овој договор. Со овој договор директно се задира во идентитетот и јазикот, директно се менува Уставот и секаде ние ќе бидеме Северна  Македонија. Со потпишувањето на овој крајно штетен договор се откажавме како држава од привремената спогодба помеѓу Република Македонија и Грција, од 13 септември 1995 година, со која Грција се обврза да не го блокира нашето пристапување кон меѓународните организации под привремената референца, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Во соопштението на опозициската партија се вели дека исто така се откажавме и од позитивната пресуда на меѓународниот суд во Хаг од 2011 година, каде се нотира дека Македонија е во право, а Грција не е, и истовремено и се наложува на Грција дека не смее Македонија да се блокира за понатамошно членство во ЕУ и НАТО.

-Заев врши секојдневна пропаганда врз граѓаните на Република Македонија дека нема да има промена на кодовите. Овој договор за промена на името кој што го потпишаа Заев и Димитров предвидува кодовите да се сменат и наместо МК и МКД ќе биде НМ и НМК. И со ваквата капитулација на Зоран Заев, Македонија не ги почна преговорите за членство со Европската Унија. Добивме само надеж дека ќе ги започнеме во 2019-та година ако се исполнат реформите за кои оваа безидејна и неспособна власт цела година не лажеше дека ги спроведува, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму велат дека вакви дополнителни услови им се доделуваат на земји за кои ЕУ не е сигурна дека го заслужуваат  местото во унијата.

-Заев ја запечатува судбината на државата и го менува името за кое генерации и генерации се бореле и го дале својот живот за идејата за своја држава. Заев на овој начин го понижува целиот македонски народ . Ова понижување не смее да продолжи. Зоран Заев и СДСМ мора час поскоро да си заминат од македонската политичка сцена. Република Македонија мора да тргне напред, велат од опозициската партија.

Коронавирус