недела, 25. август 2019. Вести денес: 23
home Вести

ВМРО-ДПМНЕ со остра осуда до МНР за деградирање на триесетина дипломати од кариера заради поинакви политички гледишта од Никола Димитров

ВМРО-ДПМНЕ со остра осуда до МНР за деградирање на триесетина дипломати од кариера заради поинакви политички гледишта од Никола Димитров

Комисијатата за надворешни работи и евроатлански интеграции на ВМРО-ДПМНЕ реагира со остра осуда на одлуката на Министерството за надворешни работи за деградирање на триесетина дипломати од кариера заради поинакви политички гледишта од првиот човек на овој ресор, Никола Димитров, ова денеска го објави комисијата на својот Фејсбук профил.

-Во редот на деградирани се дипломати од кариера, поранешни амбасадори, конзули, како и дипломати од понизок ранг кои својата професионалност и стручност ја стекнале на низа обуки во дипломатски школи во странство и немаат ниту една темна дамка во своето долгогодишно работење.
Меѓу нив има петмина доктори на науки, магистри, професионалци во својата област, како и две лица, експерти од потесни области, кои се пред свое пензионирање.

Чинот на деградирање е извршен тенденционзно, противзаконски и е политички мотивиран за што говорат следните факти:

Прво, систематизацијата во МНР е усвоена во декември 2018 година, во целосно нетранспарентна постапка и истата останува далеку од очите на пошироката јавност и вработените, а не била ни предмет на интерна дискусија. Дури и да се работи за систематизација како акт од строга доверливост, вработените мора да бидат однапред информирани бидејќи поседуваат безбедносни сертификати, а се работи за нивни права кои произлегуваат од работен однос.

Второ, решенијата кои се доделени согласно јавно недостапната систематизација имаат датум од 16 јули 2019 година, а стапени се на сила од 1 јули. Станува збор за решенија со ретроактивен карактер кои се доделени по изминати повеќе од 7 месеци од усвоената систематизација и имаат една јасна цел: понижување и омаловажување на неистомислениците вработени во Министерството за надворешни работи.

Прашуваме дали во нетранспарентната и јавно недостапна систематизација на МНР стои рок за одложено стапување на сила по 7 месеци или истиот зависи од волјата и расположението на министерот Димитров кој го активира бранот решенија за деградирање по низата скандали кои ја тресат власта?

Ги повикуваме надлежните институции да ја испитаат законитоста на систематизацијата и постапката за деградација на дипломатите од кариера.

Бараме објаснување од министерот за потребата за реваншизам и политички примитивизам кон дипломатите од кариера : Дали е согласно “европските стандарди” за отстрел на политичките неистомисленици од Министерството или е со тенденција да се достигне врвот на политичкото едноумие по урнек на болшевизмот во Република Македонија?

Воедно го повикуваме и синдикатот да реагира на овие случувања со што ќе докаже дека е во функција на заштита на правата на сите вработени во МНР, а не да е во улога на партиска филијала, стои во нивниот пост на Фејсбук.