Претседателот на Собранието, Талат Џафери, смета дека разгледувањето на над 35.000 амандмани на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за употреба на јазиците не е вистинското решение. Без да наведе точен датум тој нагласи дека за една, како што ја нарекува, политичка одлука на ВМРО-ДПМНЕ, треба политички договор меѓу опозицијата и мнозинството.
Во однос на враќањето на опозицијата во Собранието, Џафери рече дека позициите се приближени и оти се воспоставени линии за соработка со ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на работните групи не се разговарало околу Законот за двојазичност, ниту има некаква промена на ставовите.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека Законот за двојазичност излегува надвор од Уставот, истиот е неприменлив и не само што не придонесува за поголема кохезивност во македонското општество, туку носи огромен ризик да предизвика далекусежни последици. Ставот на ВМРО -ДПМНЕ е јасен, дека не смее да се повтори грешката и на мала врата, без соодветна дебата, со незаконско исцртување на европско знаменце, вакви чувствителни решенија да се носат во скратена процедура.
-ВМРО-ДПМНЕ повика законот да се повлече и да се стави на поширока дебата во која би партиципирале и експерти, но кога конструктивните барања не наидоа на соодветен прием, пратеничката група предложи амандмани за да се корегира спорната содржина. Очекуваме Собранието да го почитува деловникот и Законот за Собрание и да ги разгледа предложените амандмани, велат од партијата.