сабота, 17. ноември 2018. Вести денес: 42
home Вести

ВМРО-ДПМНЕ обзнани уште едно скандалозно ангажирање на советник на Заев

ВМРО-ДПМНЕ обзнани уште едно скандалозно ангажирање на советник на Заев

Премиерот Зоран Заев и криминалниот картел на власт не работат во интерес на граѓаните и државата, туку само за себе и бизнисите на своите блиски. Буџетот и државните институции им служат единствено за задоволување на партиските потреби и исплата на долговите и обврските што ги презеде Зоран Заев пред изборите, истакна Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.

-Молкот на Заев и Владата не ја амнестира власта од одговорност за отчет пред граѓаните дали со нивните пари плаќа советници кои имаат криминални досиеја и имаат проблем со органите на прогонот заради насилство. Заев и Владата веќе трет молчат и не даваат одговор за квалификациите на лицето Силвио Аврамовски, кој инаку е советник на премиерот Зоран Заев. Молчат за неговото сомнително минато, а човекот е тотално непознат на јавноста особено во областа во која треба да го советува Зоран Заев, рече Арсовски и додаде:

„Јавноста се уште ја интересира дали Силвио Аврамовски е човек кој е осуден за вооружен инцидент и дали пукал врз специјалните безбедносни сили во Тетово? Јавноста ја интересира дали тој е осуден и одлежал затворска казна или пак е амнестиран за делото кое што го сторил? Зоран Заев и Владата исто така втор ден молчат и не коментираат околу скандалозното ангажирање на Ѓорѓи Калајџиев кој е уредник на регионалната ВИС телевизија во Струмица. Дали Ѓорѓи Калајџиев со парите на граѓаните истовремено ќе има задача да ги величи политиките на Зоран Заев и СДСМ, токму во медиумот кај што е новинар во моментов, а тоа е телевизијата ВИС?“.

Денеска, подвлече тој, ќе потенцираме уште едно, трето скандалозно ангажирање на советник на Заев, а тоа е лицето Горан Стаменковски кој беше шеф на одделот човечки ресурси на Основен Суд Скопје 1, токму судот кај што се водат голем број на процеси.

-Истиот Стаменковски го напаѓаше портпаролот на судот и влегуваше во директна конфронтација со Претседателот на Основниот суд Скопје 1. Единствената квалификација која што ја има Стаменковски за да биде советник за социјална политика е тоа што човекот бил редовен учесник на вандалските протести на „Шарената револуција“ и се има фотографирано со сите сомнителни карактери од СДСМ. Дали можеби граѓаните од своите пари го плаќаат човекот кој треба да биде линк помеѓу Зоран Заев и Џолев кој е претседател на Судот? Дали можеби Стаменковски го советува Заев во врска со неговите судски рочишта и сите останати рочишта против неговите неистомисленици?, запраша Арсовски и потенцираше:

„Зоран Заев со ваквата одлука ја става под сериозен сомнеж независноста на оваа институција. Трагедија е што вакви лица кои заради политички пазар ги назначил Заев, ги плаќаат директно граѓаните. Над половина милион евра Заев со парите на граѓаните ги плаќа своите советници, од кои најголем дел од нив по ниту еден критериум во ниту една нормална Влада не би биле советници на ниту еден Премиер на Светот. Тројцата скандалозни советници за кои обзнанивме детали во јавноста уште веднаш да се повлечат од своите позиции. Зоран Заев ја потценува интелигенцијата на целиот народ. Зоран Заев си поигрува со граѓаните и ги расфрла нивните пари. Ова лудило мора да прекине веднаш, а овој криминален картел мора веднаш да се разбие и веднаш да падне“.