среда, 22. мај 2019. Вести денес: 5
home Вести

ВМРО-ДПМНЕ ги обелодени имињата на кандидатите за претседателските избори

ВМРО-ДПМНЕ ги обелодени имињата на кандидатите за претседателските избори

Десет лица доставиле кандидатура во ВМРО-ДПМНЕ за да бидат кандидат за претседател од оваа партија. Една од пријавите била доставена по изминување на рокот, па останати се девет кандидатури.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски денес ги обелодени имињата на кандидатите кои ги исполниле условите:

-Никита Шекутковски, доктор по математички науки и редовен професор на природно-математичкиот факултет во Скопје, член на Институтот за математика;

-Ѓорѓи Манасков, машински инженер и претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија;

-Васко Костов, фармацевтски техничар;

-Влатко Ѓорчев, правник, пратеник во Собранието на Република Македонија и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ;

-Гордана Силјановска Давчева, редовен професор на Правниот факултет во Скопје, член на Институтот за правни и политички науки, катедра за уставно право и политички систем;

-Илија Димовски, професор во пензија на шумарски факултет при УКИМ во Скопје;

-Филип Петровски, доктор на политички науки и поранешен директор на Државниот архив;

-Горан Анѓелов, пратеник, поранешен градоначалник на општина Виница во два мандати и претседател на ЗЕЛС во еден мандат;

-Сашо Кутлешоски, доктор по земјоделски науки;

Овие лица со нивните програми ќе учествуваат на претстојната Конвенција на 16-ти февруари во Струга.

-ВМРО-ДПМНЕ ќе им овозможи на сите пријавени, еднаков пристап до ОК на партијата во периодот од 6-ти до 16-ти февруари, со цел презентација на нивната програма и визија за Македонија. Сите кандидати ќе имаат еднаков третман и еднакви можности да бидат избрани, согласно принципите и демократијата. Транспарентноста и демократијата на овој процес, со цел да биде избран кандидатот кој ќе го претставува мнозинското мислење на граѓаните и ќе работи согласно законите и уставот, во полза на сите граѓани, порача Мисајловски.

Партискиот потпретседател посочи дека ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја повикува власта да престане да ги става партиските и личните интереси над државните и да распише предвремени парламентарни избори заедно со претседателските.

-Државата повеќе нема време за губење. Република Македонија не смее да продолжи да тоне. СДСМ кој во изминативе две години, донесе само неуспеси, мора да си замине, порача Мисајловски.