среда, 20. октомври 2021. Вести денес: 0
home Вести

Власта со своите неусогласени изјави ги збуни граѓаните – не се знае кога ќе започне учебната година

Власта со своите неусогласени изјави ги збуни граѓаните – не се знае кога ќе започне учебната година

Од неколку изјави од власта дадени деновиве, граѓаните не знаат кога започнува официјално учебната година и како ќе се одржува. Граѓаните беа затечени, не знаеа кога и како ќе ги пуштат своите деца да одат на училиште.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера во интервју за Радио Слободна Европа истакна „Училишта со мал број на класови и ученици може да побараат дозвола да вршат настава во живо и за одделенијата над трето, но, ако, на пример училиште во Скопје аплицира за таква дозвола, ние нема да го дозволиме тоа“.

Истиот ден министерката за образование Мила Царовска во интервју за Факултети.мк посочи дека „Сите општини, училиштата што ги исполнуваат условите пропишани во јасните и јавни протоколи, независно од возраста на децата, ќе можат да организираат настава со физичко присуство, додека во општините каде што не се исполнети условите и епидемиолошката слика не дозволува, настава со физичко присуство ќе следат само децата од 1. до 3. одделение, а другите онлајн“.

Но, истовремено дојде и до конфузија на датумите за почетокот на новата учебна година. Премиерот Зоран Заев во една од своите први изјави за медиуми како претседател на Влада нагласи дека почетокот на учебната година ќе започне на први октомври.

Заев рече дека законските измени се подготвени и дека 1 октомври е оптимален датум за почеток на учебната 2020/2021 година.

„Направени се сите анализи и имаме конкретен план за да се одвива образовниот процес, а истовремено да го заштитиме здравјето на учениците и на нивните семејства. Новата Влада навреме ќе ги донесе сите одлуки. Неопходни се законски измени за сѐ да се одвива непречено “, рече Заев.

Но пред два – три дена градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на новинарите им истакна дека почетокот на учебната година ќе биде најверојатно петти октомври.

„Ајде да започнеме еднаш на 5 октомври, бидејќи станува збор за динамична категорија ќе носиме потези кои пред се имаат за цел да дадат квалитетно образование на дечињата, но од друга страна и да го заштитиме здравјето на граѓаните“, изјави Шилегов.

Додека власта не може да се договори за официјалниот почеток на учебната година, училиштата прават технички подготовки за новите здравствени протоколи, и ги анкетираат родителите – дали се за он лајн или сакаат нивните деца да учат со физичко присуство во училиштата. Очигледно е дека власта не знае кај тера, а поради тоа патат граѓаните и нивните деца. Секој ден ставовите, протоколите се менуваат. Ниту една изјава на министрите, па дури и на градоначалниците не се усогласени.

На сето ова реагираат и од опозицијата.

„Веќе очигледно е дека Владата нема стратегија за почетокот на образованието и на образовниот процес во основното, средното и високото образование, ниту пак план за работата на градинките. На удар е здравјето на младите и нервите на родителите кои се загрижени поради тоталниот хаос во факултетите, училиштата и градинките. Министерството за образование нема соодветен план за он лајн настава ниту пак обезбедени доволно добри просторни услови за децата кои физички ќе посетуваат настава, а градинките се со исполнети капацитети со што постои реална опасност дека голем дел од родителите нема да имаат можност да ги згрижат своите деца во градинки“, истакна Велика Стојкова Серафимовска од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“.

За жал од неажурноста и ненавремените мерки сепак патат најмногу децата. По реакциите и изјавите на власта очигледно е дека не се знае кога учебната година официјално ќе започне, а според тоа граѓаните не можат да очекуваат ниту дека се има изготвен соодветен план за работа во училиштата.

Локални избори 2021