петок, 27. ноември 2020. Вести денес: 11
home Вести

Власта неспремна го дочека новиот бран: Филипче неспособноста ја покрива со обвинувања и казнување на граѓаните

Власта неспремна го дочека новиот бран: Филипче неспособноста ја покрива со обвинувања и казнување на граѓаните

Новиот бран на корона вирусот ја изненади власта, како снегот што секоја година не изненадува во јануари. Иако претходно уверуваа дека се подготвуваат за ваквото сценарио, сепак изгледа дека власта неспремна го дочека зголемениот број на заразени и хоспитализирани од корона вирусот.

Болниците во Македонија веќе се преполни. Нема повеќе слободни болни кревети во Штип, Куманово, Струмица, а веќе пред исполнување се и Кавадарци Гостивар, Прилеп и Битола. Исто така исполнета е Клиниката за инфективни болести во Скопје, а веќе почна да се исполнува и единствената монтажна болница.

И додека болниците забрзано се полнат со пациенти, никаде ги нема 16-те најавени монтажни болници низ државата. Иако министерот за здравство Филипче пред повеќе од два месеци изјави дека истите се подготвуваат за да бидат во функција наесен, еве есента дојде, новиот бран на корона вирусот е тука, а монтажните болници ги нема.

Дополнително, министерот за здравство долго време ја уверуваше јавноста дека се е под контрола и дека не само што спремни како надлежни ќе го дочекаат новиот бран, туку и дека се спремаат за многу полошо сценарио.

– Не само ние, туку и многу земји во светот очекуваат нов бран кој би се должел на поголема концентрација на луѓе во затворени простории, што сега го нема, понатаму дополнителен број на заболени од сезонски грип, пациентите ќе ги окупираат истите одделенија кои се сега окупирани од пациентите кои се лечат од корона, што може да доведе до тоа болниците да се пренатрупаат со пациенти и тоа да не може да се изменаџира. И во таа смисла, водејќи се од тоа, очекувајќи едно такво лошо сценарио кое се надевам дека ќе го избегнеме, ќе го дочекаме подготвени, рече Филипче во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, на почетокот на август.

Сепак, и покрај сите овие уверувања и ветувања, потребна беше работа и акција на дело. Но, очигледно тоа од власта и министерството за здравство го немаше. Се покажа дека празните зборови и ветувања не го спремаат здравствениот систем за зголемениот број на болни, но и хоспитализирани од коронавирусот. Залудни се ветувањата, ако не сработи и не ги подготвиш болниците.

И додека власта и министерот Филипче се покажаа како неспособни да го изменаџираат ваквото сценарио кое не само ние, туку и целиот свет го очекуваше есенва, сега се обидуваат целата вина да ја пренасочат на граѓаните и нив да ги казнат како единствени виновници.

Министерот за здравство, Филипче вчера изјави дека кога ќе се исполни и капацитетот на единствената монтажна болница, можеби ќе следи и мерка полициски час. Но, што е со најавените 16 монтажни болници, што е со подготвеноста за полошо сценарио. Тие уверуваа дека се е под контрола и дека ќе бидат подготвени. Сепак, очигледно дека министерот ја лажеше македонската јавност, а сега сопствената неспособност гледа да ја покрие со обвинување кон граѓаните.

Коронавирус