четврток, 24. септември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Власта нé турна во економска рецесија како ниедна од земјите во регионот

Власта нé турна во економска рецесија како ниедна од земјите во регионот

Македонија останува на дното на листата на земји по економска активност, поради корона кризата, но и поради лошото менаџирање со кризата, недоволното вбризгување на пари во стопанството, недоволно мерки за справување со отпуштањето на вработените и недоволно мерки за помош во реалниот сектор. Ова го покажува Државниот завод за статистика од каде соопштија дека бруто домашниот производ доживеал пад од -12, 7 проценти во вториот квартал од годинава, пад кој како што покажуваат анализите немало од воениот конфликт во 2001 година кога македонската економија се намалила за 10%.

Според голем број експерти, ваквиот пад на македонскиот БДП е индикатор за лошото справување на владата на СДСМ со корона кризата, како и лошите или недоволните економски мерки кои што наместо да вбризгаа директна помош на стопанството, тие беа популистички, ненавремени и недоволни за да помогнат на компаниите.

Намалувањето на стопанската активност на претпријатија е и поради падот на извозот на стоки, меѓу другите лоши економски параметри. Извозот е многу важен за економијата на Македонија, бидејќи им овозможува на компаниите многу повеќе пазари. Една од главните активности на дипломатијата и надворешната политика меѓу владите е поттикнување на економската трговија и поттикнување на извозот во корист и важност на сите трговски страни,  но за жал Македонија во моментов е со највисок пад на извозот во регионот од 20,2% за периодот од јануари до јули во споредба со ланската година.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари ‒ јули 2020 година, изнесува 2.968.741.000 евра и бележи пад од 20,2% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4.062.521.000 евра, што е за 16% помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит во периодот јануари ‒ јули оваа година, изнесува 1.093.781.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во земјите од регионот Србија има пад на извозот од 8,2%, Црна Гора со 18,7%, Грција со 11,8%, Бугарија со 8%, па дури и Албанија со 16,8% пад на извозот се далеку подобри во однос на статистиките во извозот во Македонија со пад од над 20%. Може да се забележи дека во сите земји кризата си го направила своето, но  Македонија има најлоши резултати што се однесува на извозот на стоки.

Намалувањето на куповната моќ на населението е предизвикано поради бркање на се поголемиот дел на работници, кои од друга страна нема да земаат плата и ќе влијаат врз намалување на потрошувачката, претпријатијата се помалку активни и се помалку пари ќе се слеваат во буџетот, а свежи пари не се влеваат во стопанството со падот на капиталните инвестиции и нивна искористеност на само 37% од ветените.

Од друга страна пак, дека власта не води добра економска политика, покажуваат и објавените податоци на ДЗС во делот на индустриско производство.

Па така според статистиката, индексот на индустриското производство во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, изнесува 90.5.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, бележи опаѓање од 36.1 %, во секторот преработувачка индустрија бележи опаѓање од 6.5 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 2.6 %.

Намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на други неметални минерални производи, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, бележи опаѓање кај  Енергија за 10.7 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 9.1 отсѕо, Капитални производи за 17.4 отсто , Трајни производи за широка потрошувачка за 37.3 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 0.6 %.

Невладината „Македонија2025“ во својата економска проекција и анализа на состојбите и економските текови проценува дека падот во вториот квартал на индустриското производство само за два месеци од вториот квартал е -30.2% кој што тренд вели дека е очекуван негативен заради интензитетот на економските активности.

Новиот извештај на „Finance Think“ вели дека со затворањето на економијата е предизвикана најдлабоката идуцирана рецесија на македонската економија.

Кога на ова ќе ја додадеме буџетската дупка која изнесува 5 милијари евра, а само за последните три месеци е зголемена на над 6 милијарди евра, а власта непрекинато продолжува со несуштински ветувања за следниот период кои само ќе го зголемат јавниот долг. Македонија е веќе бутната во рецесија која ќе трае, за разлика од земјите од регионот чии стратегии за економско опоравување и дејствување се веќе во полн ек, власта во Македонија се уште припрема кадри, а економските мерки и дејствувањата за спас на стопанството до сега беа недоволни, затоа што оставија илјадници луѓе без основни приходи.

Се уште не е ни на повидок да биде реализирана економска стратегија и реформа за спас на македонската економија, што значи дека рецесијата во која се најде државата ќе потрае уште долго.

Коронавирус