понеделник, 10. мај 2021. Вести денес: 0
home Вести

Власта која ветуваше мораториум за градби сега брани бетонски џунгли – Жестоки реакции од архитекти, граѓани и здруженија

Власта која ветуваше мораториум за градби сега брани бетонски џунгли – Жестоки реакции од архитекти, граѓани и здруженија

Вкупно околу 400 станови со околу 1.200 жители, или повеќе од предвидените 850 на хектар е планирано да има во зградите на паркингот кај Холидеј Ин.

Бетонската џунгла која се планира да се изгради ќе го задуши и онака загаденото централно подрачје од Скопје. Иако во јавноста има голем број негативни реакции по однос на изградбата на овој проект наречен „Гранд“, власта дава поддршка иако во минатото ветуваше мораториум за градби.

Со јавен повик до премиерот Зоран Заев, 29 здруженија и архитекти бараат тој да покаже суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење и распродавањето на јавниот интерес.

-Јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина мора да е врвно начело на управување со државата. Обврска на Владата е да го одржува и штити јавниот интерес и да интервенира кога е тој загрозен, а по потреба и да санкционира. Со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста, се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту пак стручното мислење зошто овој ДУП не смее да се извршува. Државната комисија за спречување на корупцијата отвори постапка за утврдување на ризици за склучување на коруптивни договори при јавни набавки за изработка и ревизија на ДУП-овите во Општина Центар. Владеењето на правото во една држава се гледа и во пристапот кон решавањето на просторот кој е необновлив ресурс во урбаните средини. Во сите претходни плански документации (почнувајќи од планот на Кензо Танге) оваа локација се именува како „Републички центар со републички плоштад“ и е препознаена како локалитет од државно значење, стои во дел од јавниот повик до Заев.

Тие бараат од него да покаже дека не го поддржува, како што велат, финалното уништување на главниот град со реализација на лоши планови. Очекуваат институциите на системот да ги стават граѓаните на прво место и да преземат конкретни чекори, во спротивно ќе побараат политичка и кривична одговорност за сите соучесници во урбанистичкото дивеење врз градот.

Голем број реакции има и на социјалните мрежи. Граѓаните бараат воздух, наместо бетонски зданија. Изградба и реконструкција на објекти од кои корист ќе имаат сите граѓани, а не станбени објекти.

Покрената е и онлајн петиција „Не за изградба на нехумано голем објект на паркингот пред хотел Холидеј Ин“, на која се потпишани речиси 10.000 граѓани.

Компанијата „МГ Фешн“ вчера соопшти дека во проектот „Гранд“ ќе инвестира 60 милиони евра. На овој простор се предвидува на бруто развиена површина од 200 илјади квадратни метри со намена А2 и Б2 – домување во станбени згради и деловни содржини катност од П+60+потпокрив. Паркирањето ќе биде обезбедено во градежната парцела 1.1 во три подземни нивоа со 969 паркинг места.

Објектот, како што посочија, ќе се состои од три кули со различна намена од кои две се за домување, кои би гледале кон Кеј „13 Ноември“, а деловната зграда е со помала катност П+16 и би гледала кон деловната зграда на Соравија. Трите кули во приземјето и на катот ги врзуваат деловни содржини, локали и канцеларии. Влезот за возила е предвиден да биде преку улицата „Мирче Ацев“, која треба да прерасне во булевар и улицата „Два“. Предвидени се два влеза, еден е под деловната зграда и еден од спротива, каде што би биле локалите, како и излез, додека на Кеј „13 Ноември“ би имало само еден излез.

Во првата фаза се предвидува изградба на станбено деловен простор со катност П+20+потпокрив, во втората П+22 и во третата фаза деловната зграда со П+16 и локалите кои се наоѓаат во приземје со катност П+. На горните катови е сместено домувањето и канцелариите, а на приземјето и дел од катот се резервирани за локали кои гравитираат кон улиците.

Во проектот никаде не е планирано да има градинка за огромниот број жители, а од компанијата посочија дека секогаш може во деловниот простор некој да отвори приватна градинка. На ова реагираа граѓаните кои истакнуваат дека тоа не е решение, бидејќи цените за приватните градинки се големи и не може секој да си дозволи.

Инаку, инвеститорите веќеуплатиле комуналии во висина од 150 милиони денари или 2,43 милиони евра и тоа 60 отсто на Град Скопје (1,4 милиони евра) и 40 отсто на Општина Центар (1 милиони евра). Претходно, Општина Центар им го одобри идејниот проект за објектите. Инвеститорите сега треба да поднесат барање за добивање градежна дозвола и потоа слободно можат да градат на овој последен слободен простор во центарот на Скопје. Инвесторите најверојатно ќе немаат никакви пречки да добијат градежна дозвола бидејќи веќе на сила не е мораториумот.

Коронавирус