недела, 28. февруари 2021. Вести денес: 35
home Вести

Владата во обид да направи партизација на НБРМ: Кои се лицата предложени од Заев за високо платени позиции со мандат од 7 години?

Владата во обид да направи партизација на НБРМ: Кои се лицата предложени од Заев за високо платени позиции со мандат од 7 години?

Владата ги предложи поранешниот министер за финансии Никола Поповски и професорите Борче Треновски и Марјан Петрески за нови неизвршни членови на Советот на Народната банка на Македонија.

Тие во НБРМ ќе имаат мандат од седум години. Советот во кој ќе бидат членови е орган кој управува со Народната банка и е главно тело за одлуките кои произлегуваат од оваа независна институција која пак ја креира монетарната политика во државата.

Но, колку со вакви кадри НБРМ ќе може да биде независна институција?

Предлагајќи свои кадри, Владата на СДСМ прави партизација на Народната банка, а овие свои кадри ги наградува со позиции на кои платите изнесуваат околу 1200 евра.

Екс-министер на СДСМ

Никола Поповски дипломирал на Економскиот факултет во Скопје и магистрирал на тема „Економски основи на информациското општество”.

Од 1992 до 2002 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Од 3-ти октомври 2002-ра до 7-ми ноември 2003-та година на предлог на СДСМ  ја вршел функцијата претседател на Македонското собрание. На 7-ми ноември 2003-та година станал министер за финансии во тогашната влада на Бранко Црвенковски. По парламентарните избори во 2006 година бил избран за пратеник во Собранието и на таа функција останал до предвремените парламентарни избори во 2008 година.

Не е спорно дали Поповски е компетентен да ја врши новата функција, но проблем е што на оваа позиција ќе дојде како партиски предлог, како екс-функционер на СДСМ, а не поради неговата стручност во секторот.

Професор кој бара воведување на корона-данок по примерот на воениот данок од 2001-ва

Треновски Борче е роден во Берово на 23 јули 1981 година. Дипломирал во 2004 година на Економскиот факултет во Скопје.

Во јуни 2009 година ги завршил постдипломските студии од областа на монетарна економија, а во септември 2013 година на истиот факултет. По дипломирањето (2004 – 2006) работи во Народната банка на Република Македонија.

Професорот по економија на УКИМ Скопје, Треновски, во емисијата „Стадион” на Радио Канал 77 овој месец зборуваше за економијата во време на пандемијата и промените, поуките, последиците и можноста за брзо закрепнување во периодот на посткорона.

Според Треновски тешкото допрва претстои, затоа што се исцрпени сите резерви и ресурси, а задолженоста отиде во опасни граници над 60 проценти, по кои тешко може да се покријат долговите со даноци и капацитетот што го имаме како држава.

-Неопходно ќе биде воведување на корона данок, по примерот на воениот данок од 2001-та, и радикално реформирање и реструктуирање на стопанството, но и на образованието кое треба да се прилагоди на новото време, новите технологии и трендови. Поуките кои веќе се наѕираат и ќе бидат потврдени од анализите што се прават и претстојат велат дека пандемијата само го забрза тој процес на промени кој ќе доведе до нова структура и потреби на пазарот на труд. Некои профили и професии ќе се засилат, се појавуваат нови, а некои целосно ќе изумрат, вели Треновски.

Професор од приватен универзитет

Марјан Петрески е вонреден професор по економија и проректор за истражување и развој на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје.

Учествувал во многубројни проекти поврзани со економски анализи, анализи на инфраструктурни проекти и финансиски анализи на проекти и компании во држави со економии во развој и транзиција, како Македонија, балканските држави и земји од Далечниот Исток и од Африка.

Откако СДСМ дојде на власт во 2017-та, овој професор даде коментар :

-По долга и тешка политичка криза, формирањето на Владата во јуни 2017 даде нов поттик на економијата, не толку преку донесување кристално јасна и цврста рамка за водење економска и развојна политика, туку главно преку ослободениот оптимизам и подигнатите очекувања и меѓу граѓаните и меѓу фирмите.

Не знаеме што има сега да каже по катастрофалната економска состојба во земјава, бидејќи со критика за СДСМ нема јавно излезено за да искоментира што се случи со подигнатите очекувања.

Сите тројца следниве 7 години ќе инкасираат огромна сума на пари од НБРМ, а што ќе сработат допрва ќе видиме.

Советот има низа овластувања и задачи меѓу кои дефинирање и усвојување на монетарната политика и политиката на девизен курс на Народната банка. Советот го дефинира режимот на девизен курс и ги формулира и донесува политиките на Народната банка во врска со извршувањето на нејзините задачи и усвојува интерни правила за нивна примена. Ова тело го донесува и Контниот план за банките во согласност со закон.

Коронавирус