четврток, 4. март 2021. Вести денес: 175
home Вести

Владата повторно со народни пари ќе ја плаќа сметка за расипничкото работење на градоначалниците

Владата повторно со народни пари ќе ја плаќа сметка за расипничкото работење на градоначалниците

Откако пред неколку години владата им даде 50 милиони евра, народни пари за плаќање на долговите, сега Владата повторно ќе ја плаќа сметката за недомаќинското работење на градоначалниците. Со новиот закон, кој веќе е пред пратениците, се предвидува отпишување на долговите на општинските јавни претпријатија.

Според Предлог законот, на јавните претпријатија кои се основани од општините, како што се комуналните претпријатија, водоводите, за улици, паркинзи и слично, ќе им бидат опростени каматите и репрограмирани долговите кои што ги имаат кон државата и нејзините компании. Со новиот закон, владата ќе ги казнува правните лица кои што нема да направат отпис на долговите на општинските фирми. Освен тоа, во законот не е предвидено до која сумата на парични средства, ќе отпишува долгови.

„Доверителите по сила на овој Закон се должни да направат целосен отпис на каматите и репрограмирање на главниот долг и трошоците во рок од три месеци од денот на стапување на сила на овој Закон. Глоба од 2.500 евра ќе му се изрече на правното лице кое нема да изврши отпис на каматите и репрограмирање на долговите во предидениот рок..“, се наведува во Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови на Јавни претпријатија.

Герман Филков, од Центар за граѓански комуникации, невладина која повеќе од 10 години го мониторира процесот на јавни набавки, за Алсат вели дека во Законот е спорно тоа што нема наведено колку пари од Буџетот ќе се слеат за покривање на овие камати.

„Ако се репрограмира долгот мене ми е логично дека има некоја програма за како тој долг ќе се враќа или само ќе ги репрограмираме за одреден период кога повторно ќе дојде проблемот како акутен и на крајот на краиштата сметам дека со сево ова се негува неодговорноста и неказнивоста на јавните функционери затоа што за овие долгови мора да постои начин, мора да постои некој одговорен и тие соодветно да бидат санкционирани“, вели Филков.

Пред само две години државата им прости на општините 51 отсто од вкупните долгови или им даде 50 милиони евра од Буџетот на државата за да си ги платат долговите. По две години и натаму локалните самоуправи се со големи долгови. Заклучно со септември лани, општините должеле 63,8 милиони евра. Покрај ова, за само две години, од 2017 до 2019 година, општините во Македонија потрошиле околу два милиони евра за набавка на службени возила.

Коронавирус