среда, 22. јуни 2022. Вести денес: 171
АКТУЕЛНО

Падна владата во Бугарија, Кирил Петков повеќе не е премиер

home Вести

Владата одлучи да ги укине ковид-мерките: Маските се задолжителни само на ОВИЕ места

Владата одлучи да ги укине ковид-мерките: Маските се задолжителни само на ОВИЕ места

Владата на денешната седница одлучи да ги укине сите останати ковид-мерки, со исклучок на задолжителното носење заштитни маски во здравствените домови, аптеките, јавниот превоз и центрите за нега на стари лица и лица со посебни потреби, објави на својот Фејсбук профил првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

Тој посочува дека одлуката на Владата следи по заклучокот на Комисијата за заразни болести за стабилната епидемиолошка состојба во земјава.

-Владата препорачува практикување на основните превентивни мерки за лична заштита од Ковид-19, напиша Груби.

Комисијата за заразни болести на состанок одржан на 27 април препорача укинување на сите рестриктивни мерки за справување со КОВИД-19, освен задолжителното носење маски во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица. Комисијата сепак упати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките за лична заштита и  хигиена, како што се често миење раце, дезинфекција и одржување дистанца.

Од Комисијата потсетија и дека вакцинацијата и понатаму останува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението.

Комисијата за заразни болести на дневна основа ја следи состојбата со КОВИД-19 и доколку има потреба ќе бидат препорачани нови мерки, соопшти минатата недела Министерството за здравство.  (МИА)

Коронавирус