среда, 28. октомври 2020. Вести денес: 158
home Вести

Владата неспособна да ја стартува учебната година, 40 илјади ученици немаат компјутери

Владата неспособна да ја стартува учебната година, 40 илјади ученици немаат компјутери

Владата неспособна да ја стартува учебната година, 40 илјади ученици ќе останат надвор од образовниот процес, немаат ИТ-уреди за да ја следат наставата преку националната платформа за учење од далечина. Тие деца, нема да имаат директна конекција со наставниците, часовите што тие ќе ги одржуваат ќе се снимаат и потоа ќе се пренесуваат во одредено време на националната телевизија.

Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера рече дека, невозможно е за кратко време да се набават толку уреди, и дека на учениците што немаат услови ниту на овој начин да следат настава училиштата ќе им ги печатат материјалите и ќе им ги доставуваат до учениците.

Ова значи дека, овие деца немаат да имаат никаков контакт со наставниците, а и нивната работа дома, ќе треба да ја извршуваат родителите на учениците. Родителите, покрај работните обврски, дома ќе треба да ја извршуваат и учителската професија, за да им помогнат на своите деца да ги совладаат наставните материјали. А, освен ова, постојат семејства со повеќе од едно дете, кое ќе бара време да им се посвети посебно внимание и помош во образовниот процес.

Но, има семејства со по две или три деца а во домот имаат само еден компјутер, кој попрво ќе седне на компјутерот, за да ја следи онлајн наставата која ја организира наставникот од својот клас? А и не сите родители имат финансиски средства за да купат компјутери, за нивните деца да можат да следат настава.

На социјалните мрежи бурно реагираат родители кои, со своите плати, не можат да им обезбедат компјутери на нивните деца. Во една група на Фејсбук која е формирана за споделување на информации и идеи за учебнитата година, споделена е приказна за родител кој што со неговата плата од 17 илјади денари треба да купи компјутери за трите деца да можат да му следат настава.

ЕДНА СЕПТЕМВРИСКА РОДИТЕЛСКА САГА

В.И. е болничар со кого работам повеќе од 25 години. Обично е расположен секогаш за разговор во текот на долгите и напорни дежурства на Клиниката, но последново дежурство беше некако замислен и отсутен. Упорно го прашував што го мачи и тишти, за со тешка мака и доза на срам ми признае, дека го плаши новата учебна година.

“Докторе, имам три училишни деца, а само еден стар неупотреблив компјутер, а ќе ми требаат 3 лаптопи. Со мојата скромна плата од 17.000 денари како да купам три лаптопи, бидејќи сите тројца ќе имаат онлајн настава во исто време.  Решивме со жена ми да земам кредит, бидејќи друго решение нема. Ама проблемите не завршуваат тука. Дома имам најефтин интернет, ама децава ми тврдат дека тој не бил доволен ниту за еден лаптоп и ќе се потрошел за десет дена. За брз интернет ми требаат 2000 денари месечно. Ајде можеби и ќе скратам на јадење и ќе ги дадам, ама каде да најдам три посебни соби во кои секој ќе ја следи наставата. И да ги имав, џабе докторе, кога цела зима сите седиме во една соба која ја грееме со дрва.

Ова е само една од многуте тажни приказни, кои ги мачат родителите овие денови. За квалитетна ON LINE настава, треба многу побогато и поправедно општество, се друго е илузија.“, стои на Фејсбук објавата.

ДИЛЕМИ ИЛИ ПРОБЛЕМИ

Предизвик ќе биде и обезбедувањето на простории, или соби во кои учениците ќе треба да учат, затоа што не е мал бројот на семејства кои што живееат во двособни станови, а имаат по три деца.

За учењето да биде ефикасно, треба да се одвива во мирна, топла и убаво осветлена работна средина или во конкрените случаи, соби. Нешто што во домашни услови, тешко се остварува, затоа што децата дома нема да пишуваат само домашни, за кои е потребно да се издвои кратко време, туку тие во домашни услови треба да го реализираат целиот образовен процес. А, има и семејства со по три генерации во него, од баби и дедовци, до мали деца и бебиња, кои тешко можиш да ги организираш цел ден да бидат тивки, за училишните деца во домот, да можат да учат.

Значи, Владата кога инсистира на одредени опции, како што е онлајн наставата, треба да понуди решенија за сите деца да ги вкличи во образовниот процес.

И еден ученик да нема материјали и средства за да ја следи наставта, Владата треба да им ги обезбеди, а не пак да дозволи 40 илјади ученици да останат надвор од оразовниот процес.

Коронавирус