недела, 25. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

Владата на Заев на удар на масовни протести (ФОТО)

Владата на Заев на удар на масовни протести (ФОТО)

За неполн месец Владата предводена од СДСМ е на удар од различни протести во кои граѓаните искажуваат незадоволство по различни проблеми кои ги засегнуваат. Мајките протестираа за породилното, средношколците за настава, илјадници граѓани во десетина градови на протести за струјата, протест за Гоце Делчев, за неправдите и криминалот, протести за загадувањето и депониите, фирми за неисплатените плати и придонеси, протести за урбаната мафија итн. се дел од незадоволствата.

Ако протестите продолжат како до сега, во ваков обем, се чини дека на стаклени нозе е  Владата и лошо и се пишува ако продолжи да ги игнорира проблемите на граѓаните, по цена  револтот да стане се поголем.

ОНЛАЈН НАСТАВА ИЛИ ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО?

Месецов почна со протест на Сојузот на средношколци, на кој тие бараа од министерката за образование Мила Царовска, образовниот процес да се одвива комбинирано – пред компјутер, но и со физичко присуство. Нивниот протест доби и поддршка од детската амбасада Меѓаши, на кој исто така во два наврати порачаа дека онлајн наставата минатата година се покажала како неефикасна и тешко спроведлива, како и тоа дека Владата нема план за подготовка за справување со оситуацијата и повторното отварање на училиштата. Со многу пропусти уште пред почетокот Владата понуди некаква комбинирана настава со неспремна Национала платформа, со необучен кадар и со конфузни одлуки за тоа во кои училишта ќе се оди на настава. Само 169 училишта од кои шест државни училишта за деца со посебни потреби, едно приватно средно училиште, 15 централни општински основни училишта и 147 подрачни основни училишта добија согласност за организирање настава со физичко присуство од повеќе од 1.200 вкупно училишта во земјава.

ПОСКАПА СТРУЈА

Конфедерацијата на синдикалните организации на 11  септември излезе на протест во знак на негодување и нивна иницијатива против покачувањето на цената на електричната енергија.

Протести за цената на електричната енергија имаше неколку пати во различни градови од кои илјадници луѓе низ градовите излегоа да изразат револт кон одлуката на Регулаторната комисија за поскапување на струјата. Протестни маршови неколку пати имаше во Гостивар, Тетово, Дебар, Куманово, Скопје, Струга и Скопје.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на месецов организираше три протести против зголемување на на цената на електричната енергија, на кои побара оставка од директорот на Регулаторната комисија. После дваесетина протести низ градовите само за електричната енергија, никаков абер не стигна ниту од Владата, ниту од Регулаторната комисија иако протестите беа масовни со голема посетеност и голема загриженост од страна на граѓаните кои упатуваат пораки до Владата дека се нема пари за повисоки сметки за струја.

ПОТЦЕНЕТ ТРУДОТ НА ЛОЗАРИТЕ

Лозарите иако изразија огромно незадоволство во јавноста и во медиумите и најавија граѓанска непослушност заради ниските откупни цени , во чии барања Владата им вети дополнителна субвенција од четири денари по килограм грозје, тие се предомислија од протести и граѓанска непослушност по ветувањата од Владата. Но, на владина седница се донесе одлука за доделување на 4 денари по килограм, но за количини кои се над 25 милиони килограми грозје, за останатите од 12 милиони килограми до 25 милиони килограми поддршката остана на 2 до 3 денари по килограм. Со ова решение иако Владата ги излажа лозарите со ветеното, ги заштити само винариите, а со парите тие не можат да платат ни работници, а не да заработат, со што повторно го потцени нивниот труд. Тие сега велат дека ова е најлошата откупна година за грозјето.

НЕМА ПЛАТА ЗА ЕУРОКОМПОЗИТ

Неколку години протестираат и работниците од прилепката фабрика „Еурокомпозит“ кои најавија минатата недела дека ќе ги радикализираат протестите откако испратиле неколку писма до надлежните во Владата. Тие повторно ќе бараат Владата да им ги плати придонесите на околу 300 поранешни и сегашни работници за што со закон е обврзана. Имено една година е помината од законот кој што се донесе во Собранието, а сега надлежните им велат на работниците дека нема пари во буџетот за оваа намена. На 300-те работници треба да им се исплатат вкупно 1,5 милиони евра на име придонеси за седум години од 2012 година до 2019 година, на 150 од нив им е исплатена отпремнина по 25.000 денари, а секој треба да добие по 90.000 денари.

МАЈКИТЕ ПРЕД СВРШЕН ЧИН-ДЕЦА ИЛИ РАБОТА

Мајките на децата до шест годишна возраст и оние кои се породилно отсуство, на два наврати протестираа пред Владата, против владината одлука да се вратат на работа на 23 септември сите родители на деца до шест години, кои до сега беа ослободени од работа заради ширењето на КОВИД-19 пандемијата. Мајките бараа да се испочитува препораката на Комисијата за заразни болести за продолжување на породилното отсуство до крајот на годината, бидејќи со новите случаи на заболени, градинките се ризик за нивните деца. Небулозна е одлуката на Владата за нивно враќање на работа кога секојдневно се забележуваат нови случаи на заболени воспитувачки и деца од коронавирусот, а во ситуација кога имаме енормно зголемување на бројот на заболени, а процентот на смртност е највисок во Европа, а на повидок е повторно воведување на полицискиот час.

УШТЕ СМЕ ДЕПОНИЈА

Месецов го одбележаа и граѓански протести за загадувањето и депониите. Еко активистите на граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“ одржаа повторно протест на кој побараа конечно решение за регионалната депонија „Русино“, која се наоѓа  во близина на Гостивар. „Русино Чернобил на Македонија“, „Дали Гостивар вреди само три милиони евра“, како и „Русино е смрт“ беа исписите на протестот пред општина Гостивар, каде иницијативата бараше депонијата да се затвори во најскоро време.

На 18 септември граѓаните на скопската населба  „Маџари“ протестираа поради долгогодишната незаинтересираност на надлежните за решавање на проблемот со депонијата „Вардариште“. Тие побараа затворање на сите пристапни патишта кои водат во депонијата, затоа што секојдневно се носи и се пали ѓубре, без никаква контрола на работењето на отпадите.

СТОП ЗА УРБАНА МАФИЈА

Жителите на скопската општина Ѓорче Петров излегоа два пати на протест, првиот пат на протест „Стоп за урбаната мафија“, против изградбата на седумнаесеткатницата која е во најава да се изгради во местото Јурија. Демонстрантите ја блокираа улицата со своите автомобили и изразија незадоволство бидејќи надлежните во општината не им одгвоориле две недели на нивните барања.

Жителите на скопската општина „Кисела вода“ го изразија своето незадоволство исто поради урбанистичкото решение, односно прифаќање на ДУП-от кај местото Расадник кој предвидува изградба на 100 згради. Демонстрантите побараа да се поништи тој Детален Урбанистички план кој се предвидува да се изгради без зелена површина, што на тој начин ќе се блокира овој дел од градот и ќе се зголеми загадувањето.

Ѓорчепетровци изразија и незадоволство со блокирање на улицата „Борис Сарафов“ по повод дивеењето и трките кои се одржуваат на истоимената улица, за што власта не превзема ништо, а засегнати се стотици жители кои живеат таму, па не смее да се дозволи да има животни последици заради неспроведување на контроли и казнување од страна на надлежните.

ЌЕ ГО НАПРАВИ ЗА ЗАЕВ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ БУГАРИН

По повод епилогот во врска со прашањето за Гоце Делчев и несоодветното однесување на Владата за потенцијалната можна блокада од страна на Бугарија за преговорите за членство во Европската унија и упорната негаторска политика во која се чини Владата  во Македонија е соучесник, опозициската ВМРО-ДПМНЕ изрази незадоволство на протест кој беше масовен револт на повеќе од 15 илјади граѓани кои излегоа на улиците.

СЕЛЕКТИВНА ПРАВДА

Вчера протестите во низа на опозицијата продолжија пред Кривичниот суд каде демонстрантите изразија незадоволство против неправдите и како што велат „мафијата на власт“. Барањата на опозицијата се Владата да овозможи да се предложи независен јавен обвинител, како и да се сопре со селективната правда, угнетувањето и притисоците на неистомислениците на власта. „Оваа ЌЕ Влада живее во очекувањата кои ги креира и нема решение на проблемите кои што денеска се тешка сурова реалност“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на синоќешните протести.

ОД ИГНОРИРАЊЕ ДО РЕВОЛТ

За жал суровата реалност во Македонија е дека револтот и незадолството изразено во протести се множи, како што се множат проблемите на граѓаните. Ваква состојба на различни протести кои доаѓаат од различни иницијатори и засегаат разноврсни проблеми на граѓаните не е забележана до сега во ваков краток период од неполн месец. Се чини дека Владата нема ниту одговори, ниту решенија за проблемите на граѓаните, па не се ни осмелува да ги коментира истите, а камо ли да превземе иницијатива да ги реши.

Се ова говори за Влада која е на удар на протести и граѓански револт за кој доколку се нема слух можат да предизвикаат сериозни последици по животот на граѓаните. Лошо и се пишува на Владата во идниот период, ако продолжи да ги игнорира илјадниците барања на граѓаните искажани на протестите, ако продолжи самоволието кое го прикажува по одредени национални и државни прашања.

 

 

Коронавирус