понеделник, 19. август 2019. Вести денес: 9
home Вести

Владата молчи: Нема информација дали Заев го прифаќа понудениот термин од Мицкоски за ТВ дуел

Владата молчи: Нема информација дали Заев го прифаќа понудениот термин од Мицкоски за ТВ дуел

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски останува на дадената понуда за ТВ дуел кој би се одржал утре со премиерот Зоран Заев. Од Владата засега молк, немаат што официјално да соопштат. Оттука се уште е неизвесно дали ТВ дуелот ќе се одржи утре со почеток во 20 часот на националниот сервис, според понудата на претседателот на опозицијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ за Курир потврдуваат дека Мицкоски е подготвен за ТВ соочувањето со Заев и дебата од која јавноста треба да добие одговори.

-Подготвен сум во текот на наредната недела, во среда, во 20.00 часот на јавниот државен сервис Македонска Телевизија, без ракавици и апсолутно држејќи се до вистината, да се оддржи дебата на која ќе разговараме за името, и не само за него, туку и за апсолутно лошата економска состојба, тешкиот живот на граѓаните, за бројните скандали и изневерените очекувања. Јавноста заслужува одговори, а јас немам што да кријам, затоа што во политиката влегов со чест, принципи и достоинство. Така и ќе продолжам во иднина, затоа што вистината нема цена, а граѓаните заслужуваат многу подобро, напиша Мицкоски на Фејсбук минатата недела.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски денес во куса телефонска изјава за Курир рече дека „засега нема ништо официјално“ по однос на тв дуелот.

По фрлената ракавица на Мицкоски, минатата недела Бошњаковски изјави дека премиерот Заев е спремен во секое време и на било која национална телевизија да дебатира на сите теми од интерес за јавноста на евентуален лидерски дуел.

-Апсолутно истиот ќе се случи, истакна владиниот портпарол.

Фокус вчера објави дека МРТ наголемо се подготвува за телевизиски дуел меѓу премиерот Заев и претседателот на опозицијата Мицкоски. Потврда околу подготовките за дуелот во МРТ добивме од главниот и одговорен уредник на информативната програма.

Од МРТ велат дека јавниот сервис добил потврда и од Владата и од ВМРО-ДПМНЕ за ТВ дуелот и истиот ќе се одржи утре, среда, со почетокот во 20 часот.