четврток, 15. април 2021. Вести денес: 0
home Вести

Владата купува време и максимално одолговлекување на постапката пред ЕСЧП: Што се крие зад ваквите постапки?

Владата купува време и максимално одолговлекување на постапката пред ЕСЧП: Што се крие зад ваквите постапки?

Европскиот суд за човекови права во Стразбур да го продолжи рокот во кој Македонија треба да даде одговор на прашањата поставени од европските судии за случаите во кои 10 поранешни функционери ја бараат правдата. Вакво барање имаат поднесено македонските власти, кои се засегнати од овој случај, па се обидуваат колку е тоа можно да го пролонгираат истиот.

ЕСЧП сега даде рок до јуни оваа година, Македонија да испрати одговор на прашањата поврзани со тужбите на поранешните функционери кои беа аболицирани од поранешниот претседател Ѓорге Иванов во 2016-та година.

За македонските власти првиот рок очигледно не бил доволен, затоа што постојат основи за сомнеж  на вмешаност во сите случаи, поединечно или групно.

Правда пред Меѓународниот суд во Стразбур, меѓу другите, бараат Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков, Миле Јанакиески. Тие ја тужат државата, по што Европскиот суд побара одговори од македонските власти уште лани во септември. Но, државата како тужена страна не е спремна да даде одговори на ваквите прашања.

Како една од причините поради кои македонските власти барале одложување, се наведува епидемијата со коронавирусот, но и обемниот материјал кој требале да го подготват. Екс-функционерите кои ја поднесоа оваа тужба, имаат повеќе тековни предмети за кои постојано има судења. Очигледно, посветени на предметите на овие лица, со цел истите да бидат осудени, државата нема време да одговори на прашањата поставени од европските судии кај кои, очигледно, се јавил сомнеж дека нешто не е како што треба. Спомнувајќи го коронавирусот како една од причините за барање на одложување, државата по којзнае кој пат покажува со каква несериозност пристапува кон ваквите случаи.

Но, македонските власти треба да знаат дека ако си дозволиле да се мешаат во правосудниот систем дома, тоа сигурно нема да им успее во Стразбур. И да го одложат рокот сега, има прашања на кои мора да поднесат одговори. Власта очигледно се обидува да калкулира, но тоа не може да трае до недоглед.

Влатко Илиевски е правен застапник на функционерите кои не добија правда во Македонија, па истата ја бараат надвор.

Тој во изјава за КУРИР вели дека дејствијата кои ги презема македонската влада во врска со спорот кој се води пред Европскиот суд за човекови права во врска со 9-те апликации кои се темелат на одлуките за помилување – ослободување од кривично гонење на претседателот Ѓорѓе Иванов, може да се окарактеризираат како купување на време и максимално одолговлекување на постапката пред ЕСЧП.

Како што вели во изјавата за КУРИР, ваквиот заклучок се наметнува од следните факти:

  1. Во дадениот период од 12 недели, определен од страна на ЕСЧП за постигнување на пријателска спогодба (кој заврши на 18.12.2020), Владата ги игнорираше сите иницијативи за разговори од страна на полномошникот на апликантите околу можното постигнување на пријателска спогодба, како што го игнорираше и офоцијалниот предлог поднесен од наша страна за постигнување на спогодба. За тоа време, владините функционери даваа изјави дека се работи активно на стратегија за настап пред ЕСЧП, односно дека овој период Министерството за правда го користи не за да преговара за постигнување на пријателска спогодба туку за подготвка за одговорите на прашањата, за да еден ден пред истек на определениот рок од страна на ЕСЧП, Владата го извести Судот дека не постои можност за постигнување на пријателска спогодба. Сметам дека определбата на Владата да не се склучи пријателска спогодба е легитимна, но доблесно ќе беше за тоа веднаш да се известеше судот наместо да се чека да поминат 12-те недели опрелени за преговарање за да потоа се прати известувањето.
  2.  Владата 6 недели пред истек на рокот за испраќање на одговорите на прашањата кои што ЕСЧП ги упати до нив, побара и доби пролонгирање на ваквиот рок за уште нови 12 недели, односно до 11 јуни 2021 година. Ваквото Барање на Владата сметам дека се темели на околности кои не кореспондираат со фактичката сосотјба и со кои практично се дезинформира Судот. Имено, Владата го аргументираше ова барање со наводите дека заради пандемијата с о COVID-19 властите морале да ги променат работните ангажмани кое што имало влијание врз достапноста на членовите на работните тимови и на нормалниот начин на работење, дека пандемијата имала влијание и на работата на судовите од кои што требало да се обезбедат предметите за пишување на фактичката состојба, како и фактот што станувало збор за обемна предмети кои вклучувале повеќе илјади страници за кои што било потребно дополнително време за подготовка.

Ваквите наводи, тој смета дека се предимензионирани и драматизирани од следните причини кои ги наведува:

-видно од записникот од седницата на Владата од 20 октомври 2020, Владата направила план за непречено извршување на работниот процес согласно кои сите вработени треба да бидат на располагање на работодавачот за вршење на работните задачи преку комуницирање со електронска пошта и други ИТ алатки. Ова значи дека Владата воспоставила механизми за прилагодување на работата на министерствата согласно новите околности наметнати од пандемијата;

-во изминативе месеци COVID-19 воопшто не се одрази на работењето на Основниот кривичен суд во Скопје пред кој се водат постапките за апликантите, односно цела јавност е сведок дека секој ден има рочишта и судските постапки се одвиваат во забрзано темпо. Наводите дека предметите од кои треба да се изработува осврт на фактичката состојба се во судот и дека судот постапува по истите сметам дека не се издржани бидејќи на тимот кој би го изработувал освртот не му се потребни оригиналните документи кои ги користи Судот а копии од истите може за кратко време да бидат направени. Впрочем, правосилност на овие предмети нема да има ниту до 11 јуни до кога истекува рокот за одговор, што значи дека овие предмети ќе останат и понатаму во Судовите со оглед на фактот што извесно е дека по истите ќе одлучува и Апелациониот суд;

-освртот на фактичката состојба по однос на предметите пред се треба да се однесува на околностите кои што се поврзани со одлуките за помилување а не и со другите околности кои се присутни во самите предмети и оттука е предраматично изнесен волуменот на документи кои треба да се обработат, дотолку повеќе што сите овие предмети се темелат на иста правна аргументираност, со исклучок на апликациите кои се поврзани со изрекувањето на мерката притвор.

-Несомнено е дека  пролонгирањето на рокот за испраќање на одговорите пред Судот ја пролонгира и Одлуката на самиот ЕСЧП. Периодот од вкупно 36 недели кои Владата си ги обезбеди за да одговори на прашањата од ЕСЧП, по сите параметри е неоправдано долг период. Следствено, логично е да се јави оправдан сомнеж дека ваквото пролонгирање има за цел во периодот кој следи да се финишираат судските процеси за кои имаме поднесено апликации (минатата недела се обзнани пресудата за Таргет/Тврдина) и тоа со осудителни пресуди, кои од досегашното искуство секако не се темелат на материјалното право, фактичката состојба и изведените докази а самите постапки имаат сериони процесни повреди. Кога ќе се има во предвид целата кампања која ја води Владата за наводното враќање на правната држава и владеењето на правото, која се темели и ефектуира токму преку (благо кажано) сомнителните судски пресуди за предметите на СЈО, за дел од кои се поднесени и апликациите, се наметнува заклучокот дека одлагањето на процесот во Стразбур оди во прилог на целиот овој „дискурс“ наметнат од Владата, за финална политичко-судска пресметка во пресрет на локалните избори.   Сметам дека игнорирањето на постапките пред ЕСЧП како од извршната така и од судската власт, односно брзањето да се завршат судските постапки до одлуката на Стразбур, може да има сериозни импликации по угледот на државата и да нанесе ненадоместлива штета на правата и интересите на апликантите, истакна Илиевски во изјавата за КУРИР.

Судот во Стразбур годишно донесува по десетина пресуди во корист на македонските граѓани

Во изминатите 10-тина години, за над 150 пресуди во Стразбур, државата исплатила над 2 милиони евра отштета.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, неодамна за Сител изјави дека казни за судиите или обвинителите ќе имаат спротивен ефект, но бара да сносат професионална одговорност.

-Тоа може да биде сфатено како еден вид на притисок врз обвинителите и судиите кои што може да ги закочи и да не си ја работат својата работа од страв дека некогаш ќе треба да плаќаат штета. За да не биде тоа, во најмала рака, доколку навистина државата плаќа штети, а имаме милионски штети кои ги исплаќаме врз база на судски пресуди, во тој случај да се направи една добра анализа, судиите да постапуваат одговорно, порача Маричиќ.

Коронавирус