понеделник, 19. октомври 2020. Вести денес: 150
home Вести

Владата џабе се фали, бадијала минимална плата кога ретко каде се почитува

Владата џабе се фали, бадијала минимална плата кога ретко каде се почитува

Неисплаќањето на минимална плата е и понатаму горлив проблем особено во текстилната индустрија. Во извештајот на Хелсиншкиот комитет e нотирано дека повеќе текстилни работнички пријавиле прекршување на работничките права во септември. Во септември 50 текстилни работнички од повеќе градови од државава пријавиле прекршување на работничките права. Најголемиот дел од случаите се однесуваат на исплата на плата под износот на законски утврдената минимална плата, проблем кој трае од почетокот на кризата предизвикана од КОВИД-19 вирусот.

-Во најиндикативниот случај, неколку работнички од текстилна фабрика од Штип, во која се вработени повеќе од 100 текстилни работнички, пријавиле дека воопшто не им е исплатена платата за август. По добиеното правно советување работничките биле мотивирани да го пријават случајот во Државниот инспекторат за труд. Работничките одлучиле и да разговараат со работодавачот пред да го пријават случајот. Работодавачот ги уверил работничките дека ќе им биде исплатена минимална плата, за следниот ден на сите работнички да им исплати плата во износ од 7.000 денари, износ далеку понизок од законски утврдената минимална плата‘‘, стои во извештајот на Хелсиншкиот Комитет.

За овој случај Хелсиншкиот комитет иницирал и постапка за вонреден инспекциски надзор и апелирал до државниот инспекторат за труд да продолжи со праксата на постапување за ваквите барања доколку утврди прекршувања на работничките права и неправилности, и да го задолжи работодавачот да им исплати минимална плата на вработените во фабриката.

Со намалувањето на обемот на работа на текстилните фабрики во периодот кој следи поради корона кризата, многу е веројатно дека овој негативен тренд ќе продолжи.

Поради тоа Хелсиншкиот комитет апелирал и до Управата за јавни приходи да воспостави подобра соработка со Државниот инспекторат за труд и навремено да го информира за случаи на неисплаќање на минимална плата од страна на работодавачите.

Коронавирус