среда, 20. октомври 2021. Вести денес: 141
home Вести

Влада на граѓаните или влада на протести: Можно ли е брзо заминување на Заев од премиерската фотелја?

Влада на граѓаните или влада на протести: Можно ли е брзо заминување на Заев од премиерската фотелја?

Не стивнува револтот на граѓаните против владата на СДСМ и премиерот Зоран Заев. Дури ни многубројните проблеми со кои се соочуваат граѓаните не може да ги стиши да го искажат својот гнев кон лошото менаџирање на власта со економската и здравствената криза. Слободно може да се каже дека покрај влада на криминални скандали и афери за кои пишуваат медиумите, владата на СДСМ и Заев стана и влада на протести имајќи во предвид дека изминатите неколку месеци Илинденска бб, но и други булевари ширум главниот град и државата беа блокирани од нервозни граѓани.

Додека во другите земји од соседството граѓаните чекаат во ред за вакцинирање, кај нас граѓаните нервозно ги полнат улиците како резултат на искажување на незадоволство од лошите политики кои ги спроведува владата на СДСМ.

Наместо реформи, мерки и проекти за граѓаните, изминатиот период владата ја отсликуваа протести на музичарите, угостителите, културните работници, здравствениот персонал, жртвите на Јавна соба, тутунарите, како и протестите на опозицијата пред штипскиот затвор и Министерството за здравство.

Имено, членовите на Здружението за организирање на свадби и прослави своето незадоволство од донесените протоколи го изразија преку организирање на дури три протести пред владата, барајќи да бидат избришан делот од Уредбата на владата од јуни 2020 година за забрана за организирање на прослави, посочувајќи дека им е потребна помош по теркот на другите европски земји.

Незадоволство од одлуките на владата има и кај претставниците на ноќните клубови и музичарите кои порачаа дека се донесени до финансиски колапс бидејќи се најпогоден од корона кризата, бунејќи се дека ограничувањата од седење на само четворица на маса, забраната за гостување на ди-џеј и пејачи, како и ограничувањата на музиката и кафулињата на 55 децибели само дополнително ќе им ја влоши и така лошата состојба.

На серија протести низ Скопје излегоа и останатите компементарни дејности – фотографи, студија за декорации, слаткарници, цвеќарници, шминкери и модни дизајнери.

И докторите од од Градска oпшта болница „8 Септември“ излегоа на протест во кругот на клиниката во знак на револт од неиполнетите ветувања за зголемувања на нивните плати и вреднување на трудот, барајќи Градската општа болница да има статус на клиника и да го добијат инфективниот додаток за лекување на ковид – пациенти, како и да им се зголеми процентот на дадатоците за дежурства на исто ниво како на нивните колеги вработени во останатите клинички болници.

„Излеговме на протест бидејќи ни беше ветено дека ќе ни се изедначи вредноста на нашиот труд со клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’, но тоа се уште не е сторено. Ние како болница од март се бориме со ковид-19 и мислам дека нашата работа и нашиот труд не е вреднуван. Ни ветија дека дежурствата, платите ќе ни бидат изедначени како со Клиничкиот центар и дека ќе ни го исплатат инфективниот додаток “, вели во изјава за „360 Степени“ д-р Петар Атанасовски.

Незадоволни од третманот и ажурноста од страна на Министерството за внатрешни работи и државните институции беше доволна причина за жртвите од Јавна соба, но и група на граѓани под мотото „Јавна соба е кривично дело“ да излезат на протест пред ресорното министерство и да побараа не само да се затвора групата на Телеграм, туку и да се пронајдат пронајдат креторите и администраторите на групата и целосно расчистување на случајот и казнување на одговорните за злоупотреба на лични податоци и фотографии од девојки.

Дека незадоволството е големо од власта покажуваат и неколкуте протести на тутунарите од прилепско, кои пак и покрај четири месечната голгота низ која поминуваат се уште се соочуваат со истиот проблем и мака. Носењето на измените за законот за тутун според нив не е соодветно решение, туку напротив половично кое нема да го реши нивниот проблем.

-Со носење на измените на Законот за тутун во Собранието нема да се реши нашиот проблем. Нашиот проблем ќе заврши кога ќе се откупи целата количина на тутун по реална проценка, а не како до сега. Мора да се плати трудот и еднаш за секогаш да почнат да не ценат, а не да не потценуваат. Ние веќе не веруваме во владата и во вакви краткорочни решенија, поучени од минатото, владата и Министерството секогаш носеа решенија штетни за нас. Токму затоа во четврток ќе излеземе на протест да го искажеме нашиот револт и ќе поставиме јасни услови и барања до владата која ако навистина се грижи за македонското земјоделство и земјоделците тогаш ќе мора да ги прифати, вели еден од тутунопроизводителите.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период е активна кога станува збор за протестирање. Имено, во знак на револт за астрономските казни кои ги добија уставобранителите за 27-ми април од Патриотскиот институт излегоа на протест пред штипскиот затвор.

Како што порача претседателот на Патриотскиот институт, Александар Пандов единствена вина на овие лица е што ја сакаат Реублика Македонија, нагласувајќи дека него лично му е криво што не е со нив таму бидејќи како што рече тој многу полесно ќе го истрпел овој црне период на национално, но и на секакво понижување.

„Не само што не се заборавени, тие за нас тука присутните, а верувам дека и во секој македонски дом денеска, се современите маченици во 21-иот век. Маченици кој е наш светол симбол, наши светилници, дека во најцрните времиња кога Македонија е поробена, постоеле и постојат македонски синови кои што застанале во нејзината одбрана. Браќата кои што се не само во Штипскиот, туку и во останатите македонски затвори, тие тоа го покажаа и во 2001-ва година и 2017-та година. Нивниот грев во што се состои. Во тоа што тие ја љубат и ја сакаат Република Македонија. Можеби нешто повеќе од нас останатите. Мене искрено ми е жал што не се наоѓам сега заедно со нив таму во затвор, бидејќи мислам дека многу полесно ќе го истрпев овој црн период на национално, на секакво понижување што ни го прави Зоран Заев“, порача Пандов.

Во организација на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и Градскиот комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, стотици граѓани минатиот и овој викенд излегоа на протест пред Министерството за здравство под мотото „Здравје, а не провизии“ и паролите Филипче доста лажеш, Оставка Филипче, Власта бубрег дава, Венко не го дава, Повеќе починати од вакцини демонстраните побараа одговорност од надлежните поради лошото справување со здравствената криза.

Меѓу говорниците беа и претседателот на Градскиот комитет Скопје, Владимир Нелоски кој побара одговорност од министерот Филипче за 3.600 починати граѓани од корона вирус.

„И оваа сабота се собравме тука пред министерството за здравство или како што Филипче би сакал да го нарече министерството за лична провизија и богатење да им порачаме дека е потребно оставка. Оставка но е потребна  и одговорност, одговорност за 3.600 починати македонски граѓани кои што не успеаја да се изборат со КОВИД болеста. За жал ние имаме влада која што освен џинџер еднаквоста важна им е и нивното одмарање па најверојатно поради тоа најблиските соработници за Заев најголемиот борец за џинџер екуалити во Македонија да земат малку одмор во тропските локации низ светот“, рече Нелоски.

На протестот се обрати и претседателката на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка во македонското собрание која рече дека овој протест е против сите неправди во здравството, како и дека додека местото на власта е во Мексико и Дубаи, местото на опозицијата е на улиците.

-Се собравме да го кренеме гласот за сите неправди во здравството. Нашето место е на улицата, додека местото на оваа власт е во Мексико и во Дубаи. Денес го креваме гласот во името на сите засегнати луѓе од пандемијата. Го креваме гласот во името на сите нас на сите на кои им е загрозено основното човеково право загарантирано со Устав, а тоа е здравјето.Бројките во нашата држава се немилосрдни и најголеми во цел свет. Најмногу заразени и мртви, а најмалку заштитени и вакцинирани. Затоа ве прашувам дали треба да сме неми набљудувачи на се ова што ни се случува? Жената никогаш досега не била поранлива и толку незаштитена. Соочени сме со можеби најголемиот предизвик досега, со короната, но и со најголема дискриминација на жените по сите основи. Пандемијата е катастрофална по женските права бидејќи кога имавме вонредна состојба, најголем дел од нас жените останаа дома да се грижат за домот и семејството, многу жени останаа без работа, а жените во приватниот сектор, цело време одеа на работа. Текстилните и просветните работнички беа принудени да одат на своите работни места користејќи јавен превоз во преполни автобуси, притоа ставајќи го својот живот и животите на своите семејства во ризик. Најмногу беа изложени и се уште се здравствените работници, кои уште на почетокот на пандемијата се соочија со недостаток на заштитна опрема, но и покрај се останаа на првата борбена линија против короната. Тие се херои на ова време и ја заслужуваат сета наша почит и благодарност. Ви благодариме од срце, истакна Пешевска.

По ваков серијал на протести повеќе од јасно е дека незадоволството на граѓаните е огромно, а според аналитичарите доколку вака продолжат да се одвиваат настаните можно е брзо заминување на Заев од премиерската фотелја и смена на власта, но и доаѓање на стабилна влада која ќе мора уште првиот ден да се зафати со сериозни промени и реформи.

Локални избори 2021