сабота, 28. ноември 2020. Вести денес: 94
home Вести

Виси проектот за електроенергетско поврзување на Македонија со Албанија- За кого го мести Мепсо тендерот?

Виси проектот за електроенергетско поврзување на Македонија со Албанија- За кого го мести Мепсо тендерот?

Две години доцни изградбата на 400-киловолтна трафостаница во Охрид и 400-киловолтен далновод, а деновите во јавноста излезе и информацијата дека проектот вреден 48 милиони евра со кој земјава енергетски треба да се поврзе со Албанија има опасност и да пропадне.

Неофицијално причина за доцнењето се кавгите во МЕПСО околу начинот на објавување на тендерите и немањето на градежна дозвола за проектот. Изминативе години дел од медиумите соопштија дека неколку вработени алармирале дека тендерот се мести и дел од нив биле сменети од нивните позиции. Интерно работниците сметаат дека добитниците на тендерите се веќе познати.

Според информациите, се инсистирало тендерите за далноводот и трафостаницата да се спојат во еден со што е зголемена можноста инвестицијата да поскапи за најмалку 20 отсто. Ако до декември работите не почнат да се спроведуваат , освен што ќе треба да се плаќаат пенали кон ЕБОР, од каде се обезбеди средства, постои опасност проектот да пропадне затоа што договорот за корисење на заемот со банката завршува токму тогаш.

Останува знак прашалник зошто до сега не беше распишан тендерот. Одредени постапки укажуваат на тоа дека тој се „штелува“ за да го добие одредена компанија, како што и брифираа неодамна за медиумите вработените во МЕПСО.

Имајќи ја во предвид техничката стандардизација и типизацијата на опремата тендерот може да биде насочен и ограничен како по број на потенцијални понудувачи така и по одреден регион на понуди со селекција и спецификација на квалификациони критериуми. Со оглед на тоа што овој проект е финансиран од ЕБОР истиот е подложен на соодветни правила и политики на меѓународната финансиска институција.

Меѓународните финансиски институции имаат свои правила и процедури на дефинирање на квалификациони критериуми се со цел тендерите да бидат „отворени“ према голем број на понудувачи, а соодветно да бидат максимално транспарентни и недискриминаторски.

Во делот на искуство кој е квалификационен услов е наведено дека понудувачот има минимум 2 проекти во минатите 7 годиникако главен понудувач или партнер. Според упатените сосема и целосно несоодветно е наведено дека лидерот на здружените понудувачи мора да задоволи 100% од бараните критериуми, што во секој случај и при секоја примена е несоодветно барање и јасно наведува на целта да се намали и ограничи бројот на потенцијални понудувачи.

Потребно е и да се нагласи дека во нашиот регион, односно на Балканот во изминатите 5 до 10 години бројот на изградба на нови далноводи е незначително мал, а повисоко напонско ниво нема, па овие квалификациони критериуми наведуваат на сомнеж дека се направени со цел да допринесат фаворизирање на одредена компанија која е можеби единствена во регионов која може да го задоволи овој критериум кој очигледно е насочен без да се има логика или модел по кој би се увидело како е тоа пресметано.

Критериумот за годишен обрт и расположлив финансиски капитал се неусогласени како со квалификациониот критериум применлив во пракса така и не се соодветно усогласени. Двата критериуми треба да бидат припремени согласно методологија со исти влезни податоци на вредност на инвестицијата согласно планот за набавка и рокот на имплементација мултиплицирани со соодветен фактор. Во овој случај никако не може да се види дека тие се усогласени ниту пак консистетни еден на друг, значи може да се сомнева дека се ставени од „ракав“ за некој кој истите ги задоволува како такви.
Парите за изградба на трафостаница и далновод ги обезбеди претходната влада во 2015 година од ЕБОР со заем од 36 милиони евра и грант од 12 милиони евра. Државната МЕПСО во изминатиов период беше во фокусот на граѓаните поради вработувањата на блиски роднини на актуелни функционери, како и спорните набавки на скап мебел.

Имплементацијата на овој проект е со огромно задоцнување ако се земе во предвид фактот дека физибилити студијата е завршена пред повеќе од пет години, а договорот за проектирање е потпишан во 2015-та година и се уште никој нема преземено никаква одговорност.

Во изминативе 6 години единствен далновод кој е изграден и пуштен во употреба е интерконективниот далновод од Штип до Македонско-Српската граница кој го градеше „Енергомонтажа“ од Србија.

 

Коронавирус