петок, 18. јуни 2021. Вести денес: 62
home Вести

Вицепремиерот Николовски наместо оставка, со изјава „оваа дупка не е дупка“

Вицепремиерот Николовски наместо оставка, со изјава „оваа дупка не е дупка“

Администрацијата на СДСМ вети бесмилосна борба со корупцијата и криминалот и конечно ресторирање на институциите задолжени да го спроведат владеењето на правото. Се отиде дотаму, што се постави и специјален вицепремиер задолжен да ја води борбата со корупија. Во најновиот извештај на Транспаренси Интернешнл објавен денеска, Македонија се наоѓа на 111-то место од 180 држави, пренесува „ИРЛ“.

Во друштво со Панама, Босна и Херцеговина и Монголија, земјава го бележи најниското рангирање од 2001 година.

„Ова рангирање е историски најлошо досега откако се мери во земјава“, изјави Слаѓана Тасева од македонското претставништво на Транспаренси Интернешнл.

Вицепремиерот Љупчо Николовски, задолжен за борба против корупцијата, во коментар за ИРЛ вели дека последното рангирање на Транспаренси Интернешнл не значи дека „корупцијата пораснала, туку резултатите се перцепција на граѓаните“.

Тој за овој впечаток на граѓаните вели дека има три причини. Сега повеќе и послободно се зборува за корупција, граѓаните имаат невозможни очекувања и корупцијата е дел од колективната свест.

„Медиумите се послободни и може да се известува за случаи за кои порано поретко се слушало. Граѓаните очекуваа драстична промена во судството, која, како чесна и отчетна Влада би морале да кажеме, е помакотрпна од очекувањата, но сепак тековна. Државата сѐ уште е во процес на градење на колективна свест за штетното и разорно дејство на корупцијата, но ситното подмитување (активно и пасивно) тешко се искоренува“, вели Николовски за ИРЛ.

Во долгиот одговор за ИРЛ за последното рангирање на Македонија, Николовски не спомена дека минатата година има само еден отворен случај на висока корупција, за Лидија Димова за сомневањата за проневера на пари од европските фондови. Потоа, дека судството и натаму дели правда со корумпирани судии. Во мерит системот најважен критериум е партиската книшка. Понатаму, дека нема проверка, а камоли запленет имот на функционер, а бројчаникот на Триумфална капија не изброи ни едно евро. Дека продолжија коруптивните бизнис зделки, со истите ликови кои беа миленичиња на Груевски.

Без самокритика за работата на досегашната власт, тој голем дел од вината за лошите резултати во борбата против корупцијата ги префрли на опозицијата и вели: „11 години режимот ја распространи корупцијата до најниски гранки и ја прошири на секоја пора во општеството. Три години Мицкоски работеше против правдата“.

„Свесни сме дека граѓаните очекуваа и очекуваат брзи правни разрешници со промената на власта. Но денес сите добро знаеме какви режимски инсталации имавме и се уште имаме во правосудството и зошто и кој ги кочеше реформите поврзани со правната држава. Точно, имаат лоши перцепции граѓаните за корупцијата кога гледаат дека најголемата опозициска партија со својот број пратеници беше против Закон за јавно обвинителсто, против продолжување и разрешница на предметтие со кои се гони висок криминал“, одговори Николовски за ИРЛ.

Антикорупциската комисија според законот е независен орган кој треба да ја контролира власта во делот на корупцијата и судирот на интереси. Но, досегашната пракса покажа дека многу од препораките и одлукита на Комисијата не се почитуваат од централната власт.

Антикорупциската комисија реагираше на клиентализам при поставување на директори и членови на управни и надзорни одбори во државните институции, но власта не ги прифати препораките. Комисијата и натаму останува изолирана од другите институции, како УЈП, Катастар, Финансиска полиција, со чии бази треба да биде поврзана за да биде поефикасна во своите истраги. Повеќе од една година во Собранието никако да се донесе Национална стратегија за борба против корупција и спречување на судири на интереси.

Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, вели дека ефектите од антикорупциските напори не се остваруваат поради тоа што останува силно влијанието на политиката.

„Очигледно дека постои несоодветен однос кон работата на независните тела и непостапувањето по нивните препораки. Иако тоа беше посебно нагласено во Извештајот за напредокот на Европската Комисија. Оваа ситуација треба да придонесе политичките елити, особено носителите на политичките одлуки сериозно да се зафатат со реализација на декларираните заложби за борба против корупција“, изјави претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.

Слаѓана Тасева објаснува дека во Извештајот на Транспаренси кој беше објавен денеска, во Македонија сериозен пад има на клучниот индекс на владеење на право и правда.

„Тоа укажува директно на тоа дека ние не се справивме соодветно со корупцијата во судството и не се спроведе таа ветувана реформа во правосудството и другиот индекс каде што бележиме пад е Фридом хаус, значи човекови права и слободи, клучните работи кои што требаше да се земат први во реформите. Таму бележиме пад и како резултат на тоа, ние бележиме пад на индексот, тука е директната врска“, вели Тасева.

Вицепремиерот Николовски тврди дека Владата е цврсто решена да ја промени сликата и перцепцијата во борбата против корупцијата, а токму тоа било и меѓу првите приоритети на „Акција 21“. Тој најави дека во првата половина на годинава, во соработка со УСАИД, ќе се спроведе тест за проценка на интегритетот на членовите на Владата и нивните советници и надворешни соработници.

Владата, вели тој, ќе работи и на подигање на свеста кај граѓаните за негативните ефекти од корупцијата, со воведување на повикувачки (кол) центар преку кој правните и физичките лица ќе можат да пријават ненавремно постапување на надлежните институции по однос на нивните поднесени барања.

Лошиот извештај на Транспаренси Интернешнл го најави минатата недела холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, кој на власта и’ прати порака дека не е Бугарија најголемата пречка на патот кон ЕУ, туку корупцијата.

„Корупцијата е состојба на умот на целото општество, од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето кои се подготвени да платат поткуп, оние кои носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние кои во март носат подароци за учителките на своите деца. Постоечката корупција исто така води кон потреба за изнаоѓање на политички баланс при секое назначување на државна функција. На пример, тажно е дека дури и директорите на националните паркови се политички назначени. Мое силно уверување е дека луѓето не треба да се вработуваат заради политички баланс, туку врз основа на заслуги, отчетност и професионалност“, изјави за СДК.мк амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп.

Оваа година покрај историски најлошиот резултат, Македонија најлошо котира и во регионот. Пред земјава, се наоѓаат Словенија (35 место), Грција (59), Хрватска (63), Црна Гора (67), Бугарија (69), Србија (94), Албанија и Косово (104). Босна и Херцеговина го дели истото 111-то место со нас.

Во светски рамки на листата на Транспаренси Интернешнл Нов Зеланд и Данска се држави за кои има перпцепција како најмалку корумпирани, а зад нив следуваат и Финска, Швајцарија, Сингапур и Шведска. Како најкорумпирани земји во светот се Сомалија и Јужен Судан, Сирија, Јемен и Венецуела.

ЕУРО 2020

Македонија