понеделник, 30. ноември 2020. Вести денес: 48
home Вести

Вештак за „Ласкарци“: На три автобуси на Дурмо турс имало поставено уреди за манипулација на брзина

Вештак за „Ласкарци“: На три автобуси на Дурмо турс имало поставено уреди за манипулација на брзина

Во Кривичниот суд во Скопје на денешното рочиште за случајот „Ласкарци“ вештото лице Јосиф Ќосев потврди дека во автобусот на Дурмо турс, со кој на 13 февруари се случи трагичната несреќа, во која  загинаа 16 лица, имало поставено уред за манипулирање на брзината.

Обвинителството побарало од Дурмо турс на Ќосев за вештачењето да му бидат дадени тахографите од уште два автобуси, кои сообраќале на линијата Скопје – Гостивар, и тој на нив пронашол траги од уреди за манипулација на брзина.

Ќосев појасни дека со уредите брзината била регистрирана за околу 15 проценти помала од реалната. Имено, уредите за манипулација, по несреќата, биле извадени од другите два автобуси.

На тахографот за време на несреќата била забележана брзина од околу 85 километри на час, што значи, како што појасни вештакот, дека возилото се движело со околу 100 километри на час.

Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Коронавирус