петок, 25. септември 2020. Вести денес: 91
home Вести

Велосипедска тура за спортисти со попреченост

Велосипедска тура за спортисти со попреченост

Триесетина спортисти со физичка и интелектуална попреченост учествуваа на велосипедската тура за спортисти со попреченост што се одржа во Преспа.

Турата ја организираше Здружението на граѓани за адаптивни спортови и рехабилитација „Рекреакција“ во соработка со Здружението на граѓани „Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби“, Здружението на граѓани со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања“ и Здружението „Преспа Бајк – Ресен“.

Настанот е дел од проектот „Спорт за сите“, што се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD), финансирана од страна на Европската Унија, а спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации.

Во рамки на проектот беа организирани и обуки за пливање со Наташа Мешковска, за кајак со Аднан Рамадан, за нуркање со Игор Трајаноски, за новинари со Зоран Иванов, за јога со Ивана Батев, за скијање со Јане Стефанов и за медицински персонал со Маја Улк.

– Целта на овој проект е да ги поттикне лицата со попреченост да ги осознаат своите можности и да градат капацитети на самостојни и самоуверени личности, кои ќе дадат придонес кон градењето на инклузивно општество, во кое сите ќе бидат еднакви во остварување на своите права, а од друга страна со учеството на лица без попреченост преку директна комуникација ќе можат да ги запознаат можностите но и потребите на лицата со попреченост за тоа како и во кои ситуации можат да им понудат помош. За тоа каков треба да биде односот кон овие лица, како и тоа дека е нужна потребата од известување во медиумите за лицата со попреченост со почит и разбирање за нивните успеси и квалитети, наспроти пристапот на милосрдие и сожалување, велат организаторите. (МИА)

Коронавирус