сабота, 19. јуни 2021. Вести денес: 64
home Вести

Вакцинирани околу 110.000 граѓани

Вакцинирани околу 110.000 граѓани

Граѓаните да се пријавуваат на веб страницата vakcinacija.mk, заради тоа што тоа е најпрактичниот механизам и начин да се стигне до соодветен термин за вакцина против Ковид-19.

Ова е апелот што вчера го упати министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека вакцинацијата се одвива добро, вакцинирани се околу 110 илјади граѓани од кои 23 илјади се ревакцинирани, а сега се вакцинираат 170 илјади граѓани кои се пријавиле на vakcinacija.mk до 30 април.

– Оние 170 илјади граѓани кои се во прва група до направениот пресек на 30 април, се тие кои сега се вакцинираат, дополнително се пријавени околу 130 илјади граѓани. Од вкупниот број на граѓани кои се пријавени до 30 април, сите веќе добиле или ќе добијат термин до 15 мај. Граѓаните го следат апелот за пријавување на сајтот, а доколку нема нова мутација на вирусот, колективниот имунитет сигурно ќе го стекнеме до крајот на летото, истакна Филипче.

Посочи дека со истата динамика и оваа недела продолжува процесот на вакцинација, односно со вакцинање на околу 10 илјади граѓани на ден во сите пунктови низ државата.

-Се спушта возрасната граница согласно бројот на пријавени и некаде навистина е до 40 години, во некои градови каде што нема доволен број на пријавени постари граѓани. Бројката на вакцинари граѓани над 70 години е некаде околу 33 проценти. Ги повикаме и постарите над 70 години, заради тоа што е таа критична категорија на граѓани која најмногу сакаме да ја заштитиме, додаде министерот.

Оваа недела се очекува да пристигнат околу 10 илјади вакцини на „Фајзер“, по тек на договорот и систем за солидарност на Европската Унија. Според најавите се очекува и донацијата од кинеската армија да пристигне на 15 мај, за време на викендот, и согласно сите тие најави ќе се подготви распоредот за делење на вакцини ширум пунктовите.

Прашан кои се очекувањата во однос на стекнување колективен имунитет, доколку постои можност од создавање на нова мутација на вирусот, министерот Филипче рече дека според претпоставките, евентуална нова мутација на вирусот може да го смени текот на создавање на колективниот имунитет, но не значајно.

-Поголем број на граѓани кои имаат имунитет и покрај тоа што не се официјално евидентирале дека прележале болеста односно дека биле асимптоматски носители. И сега за различна ефективна болест различен е тој процент колку пати повеќе од официјално регистрираните значи дека болеста ја прележале. Епидемиолозите калкулираат со некоја бројка од три до седум пати повеќе од тие 150 илјади кои се кај нас евидентирани, рече Филипче.

Како што објасни, постои и друга динамика, а тоа се десетина илјади граѓани кои се вакцинираат на ден согласно достапноста на вакцините, и на тој начин исто така се гради колективниот имунитет. Појасни оти е непознато не само кај нас, туку секаде во светот, дали некоја мутација на вирусот може да ја смени сликата.

-Претпоставките се дека може да смени, но не толку силно да се изремети целокупниот процес заради тоа што степенот на колективен имунитет сепак ќе ги штити граѓаните, дури и од некоја мутација која може да е ригорозно или полесно да се пренесува. Доколу нема мутација на вирусот и остане вака, колективниот имунитет сигурно ќе стекнеме до крајот на летото имајќи ги предвид сите овие процеси. Доколку има некоја мутација може тоа нешто да измести од проценките, но не значајно, рече Филипче.

Во однос на процентот на колективниот имунитет, рече дека најмногу зависи од инфективната болест, но смета дека 60 или 70 проценти за Ковид-19, е сосема доволен процент да се стекне колективен имунитет.

На новинарско прашање дали граѓаните кои се вакцинирале во Србија ќе имаат можност да се ревакцинираат тука, Филипче одговори дека тие кои се вакцинирале со вакцината на „Фајзер“ или на „Синофарм“ може да се ревакцинираат кај нас.

Притоа, како што рече, до крајот на оваа недела ќе има еден посебен дел на сајтот vakcinacija.mk а во меѓувреме можат да се пријават преку матичните лекари, и тие ќе добијат термин за ревакцина.

Прашан дали е потребен задолжителен ПЦР тест кај тие кои примиле две дози на вакцини и треба да се оперираат, Филипче рече дека за медицинска интервенција доколку пациентот е ревакциниран тогаш може да биде примен без направен ПЦР тест. Ќе му биде потребна само потврда за вакцинација.

Во однос на прашањето дали се планира да се направат одредени кампањи за вакцинирање или да се доделуваат одредени награди за вакцинираните по принципот на другите држави, Филипче рече дека нема потреба за никаква форма на награда. Оваа дополнителна бројка која е пријавена до крајот на април, според министерот е добар знак и за сега има добар интерес.

-Дел од кампањите почнаа, дел дополнително ќе започнат и преку Владата и Министерството, и сметам дека за сега одзивот и интересот е навистина добар. Има кампања која сега е активна, што ја започнавме со УНИЦЕФ, другите започнуваат во следниот период. Има видеа кои се снимени со здравствени работници, кои укажуваат на безбедноста на процесот на имунизација, што значи постигнување на колективен имунитет, рече Филипче.

На прашањето кога ќе бидат отворени пунктовите во Струмица, Велес и Прилеп, министерот рече дека во Струмица се очекува пунктот да биде отворен до крајот на неделата, а во текот на следната недела и пунктовите во Прилеп и Велес.

Според министерот, се уште е рано за да се даде општа препорака за маските да не се носат на отворено. Тој рече дека за тоа било разговарано, но заклучокот е дека треба да се причека уште недела или две за една ваква мерка.

– Следниот чекор би бил, но се уште е рано да кажеме кога би било тоа, да се носат маските како претходно, односно само во група надвор. Засега е рано. Тоа ќе биде следно за што ќе разговаравме. Инициравме дискусија и заклучокот е дека треба да почекаме уште недела или две. Се уште не се дозволени концертите и свадбите бидејќи стравуваме дека во овие случаи може да се намали дистанцата меѓу луѓето кои се присутни и затоа одиме постепено. Ако продолжат трендовите, ќе бидат дозволени и концертите, рече Филипче.

Додаде дека новите предлози за олабавување на рестриктивните мерки се поради трендот на намалување на бројот на новозазарени и значителното празнење на болничките капацитети.

Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 25 случаи со Ковид-19, 16 починати и 408 оздравени пациенти.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 154.051, бројот на оздравени пациенти е 138.370, на починати е 5.109, а на активни случаи изнесува 10.572 од кои 4906 се во Скопје.

На инфективните одделенија во државава се лекуваат 748 пациенти со Ковид-19 од кои 319 се во Скопје.

ЕУРО 2020

Македонија