недела, 17. октомври 2021. Вести денес: 167
home Вести

Утврден составот на новата Актикорупциска комисија

Утврден составот на новата Актикорупциска комисија

Комисијата за прашања на изборите и именувањата на денешната седница едногласно ја утврди предлог листата за именување на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Билјана Ивановска, Горан Трпеновски, Шемши Салаи се кандидатите за новиот состав на новата Антикорупциска комисија.

За претседател на Комисијата е предложена Билјана Ивановска која, како што појасни претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Илија Димовски, била најдобро рангирана од кандидатите кои конкурирале за местото претседател.

Останатите, рече Димовски, што се подобро рангирани од неа конкурирале само за членови на Комисијата.

Пратеникот  Муахмед Зекири кој беше дел од Комисијата што ја вршеше селекцијата, рече дека е направен најдобриот можен избор од пријавените и тоа, како што потенцира, на транспарентен начин и постапка.

При изборот на членови и претседател на Комисијата за спречување на корупцијата е почитуван принципот на соодветна и правична застапеност и на еднаква родова застапеност.

Селекцијата и интервјуирањето на кандидатите беше направено завчера, а нивното рангирање по бодови во текот на вчерашниот ден.

Пријавени биле 57 кандидати, секој кандидат можеше да добие максимум 100 поени. Искуството и достигнувањата во борбата против корупцијата носеа максимум 40 бодови, а 60 кандидатите можеа да добијат врз основа на тоа како се покажале нан интервјуата.

Предлогот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе се најде на денешната пленарна собраниска седница. Членовите и претседателот на Антикорупциската комисија се избираат со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

Согласно новите овластувања на Државната комисија за спречување на корупцијата, таа може да го следи и претстојниот изборен процес во делот на финансирање на политичките партии.

Коронавирус