четврток, 12. декември 2019. Вести денес: 98
home Вести

Усеини: Мојот ресторан не е проблем за УНЕСКО

Усеини: Мојот ресторан не е проблем за УНЕСКО

Советникот во Општина Охрид од ДУИ, Нефи Усеини, кој е сопственик на дивоградбата кај Чинарот, денеска преку соопштение до медиумите се пожали дека е под постојан медиумски притисок поврзан со неговото работење и работењето на неговите компании, објавува Скопје 1.

Тој тврди дека има уредна документација за пицеријата Луна и побара од медиумите да се почитува пресумцијата на невиност, додека општината не се произнесе за случајот, иако веќе има решение за уривање од општина Охрид.

-Прво сакам да Ви кажам дека компанијата „Нефи ИК“ во чиј склоп е и ресторанот Луна е компанија која постои повеќе од 10 години и вработува повеќе од 200 вработени и која што уредно ги плаќа обврските и давачките кон  Македонија.

Компанија, која е социјално одговорна и помага на многу загрозени семејства, но и компанија која го поттикнува спортот и екологијата. Затоа и ме чуди целата оваа хајка кон мене, започната од одредени медиуми, а продолжена од политичките партии, за локација за која што уредно имам поднесена и заверена документација во градот Охрид и за која што навремено ги подмирувам обврските кон градот, за закуп на летна тераса и сум закупец веќе 11 години.

Реновирањето на летната тераса на ресторанот Луна беше со изработен елаборат кој што се држеше до квадратурата, за која што се плаќа закупнина и која што никако не го нарушила зеленилото или естетскиот изглед на плоштадот Крушевска Република и е во согласност со градот Охрид.

Сметам дека е крајно некоректно да се користи името на мојот ресторан како дел од проблемите на градот Охрид со УНЕСКО и ја поттикнувам иницијативата на премиерот Заев, дека законот мора да важи за сите. Затоа и апелирам до медиумите да ја задржиме презумцијата на невиност се додека градот Охрид не одговори по дадениов случај. Крајно е некоректно да се спроведува ваква хајка против компанија која што долги години работи за подобрување на условите за живот во Охрид, за унапредувањето на бизнисот и на туризмот во овој крај, а јас како советник секогаш сум се залагал и сум ги застапувал интересите за подобар живот на сите мои сограѓани. Уште еднаш Ви се извинувам ако сум навредил некој медиум или не сум бил секогаш достапен, но сепак во светот на бизнисот, не секогаш го имаме луксузот на време и комоција на достапност, вели советникот во писмото испратено до медиумите.

Тој ги повика новинарите да ја посетат пицеријата каде ќе им одговори на сите прашања.

Инаку чашата ја прели веста која неодамна беше објавена во јавноста, а тоа е дека фирмата на Усеини учествувала во тендер за уривање на дивоградбите во Охрид.

Антикорупциска: Фирмата на Усеини не смее да учествува во тендерот за уривање на дивоградби во Охрид!

Фирмата на советникот во Охрид, Нефи Усеини не смее да учествува во тендерот за уривање на дивоградбите во Охрид, велат од Антикорупциска комисија.

„Државната комисија за спречување на корупцијата смета за потребно да укаже на ограничувањата кои се однесуваат на службените лица во соработка со правни лица, што се во нивна сопственост или во сопственост на нивни блиски лица, а во насока да превенира потенцијален судир на интереси што ќе настане доколку не се почитуваат тие ограничувања.

Ова од причини што, во член 51 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси е предвидено следното:

„Службено лице во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорното лице е член на неговото семејство“.

Имено, фирма што е во сопственост на лицето Нефи Усеини, или во сопственост на негови блиски лица, не може да воспостави деловни односи со Општина Охрид, каде истото лице е член на совет. Доколку, службеното лице постапи спротивно на овој член, на склучениот договор се применуваат одредбите за ништовност на договорот од Законот за облигационите односи“, велат од Антикорупциска.