четврток, 2. јули 2020. Вести денес: 236
home Вести

Укинување или скратување на полицискиот час?

Укинување или скратување на полицискиот час?

Владата, денеска или утре, се очекува да донесе одлука и за отворање на границите, но и на угостителските објекти, а врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести за олеснување на рестрикциите
Подолго од два месеци по воведувањето на полицискиот час во земјава, за што потоа се носеа уште неколку одлуки за продолжување, па за скратување на неговото времетраење, веќе од утре или задутре можно е укинување на забраната за движење.

Според информациите од денешниот состанок на Комисијата за заразни болести, укинувањето на полицискиот час е еден од предлозите на здравствените власти за омекнување на рестрикциите. Овој предлог, како што јавуваат дел од медиумите, бил поради тоа што не се почитува забраната за движење.

Владата, денеска или утре, се очекува да донесе одлука врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести. Неофицијално, една од опциите да се оди на скратување наместо на целосно укинување на полицискиот час, со оглед на претходните најави на членови на извршната власт дека олабавувањето на мерките ќе се одвива постепено. Со оглед на тоа што полицискиот час сега трае од 19 часот до 5 часот следниот ден, можно е забраната за движење извесен период да почнува од 21 или од 22 часот, пред нејзино целосно укинување.

Полицискиот час во земјава беше воведен од 22 март, набрзо по првата одлука за прогласување вонредна состојба. Првично, забраната за движење почнуваше од 21, а траеше до 6 часот следниот ден. Сепак, полициски час не е поврзан со вонредната состојба, односно за тоа не е потребно да се носи уредба со законска сила туку само одлука на Владата.

Според информациите од денешната седница на Комисијата за заразни болести, на Владата ѝ се препорачува исто така да донесе одлука за отворање на угостителските објекти, под посебни услови, односно со преземање соодветни мерки за заштита од коронавирусот. Исто така, би било ограничено и работното време на рестораните и кафулињата, најдоцна до 22 часот, што, сепак, ќе зависи од тоа каква ќе биде одлуката за полицискиот час.

Во однос на отворањето на границите, како можен термин се разгледува 1 јуни, односно за неколку дена.

Парламентарни избори 2020