среда, 23. септември 2020. Вести денес: 171
home Вести

Учениците се враќаат во училишните клупи?!

Учениците се враќаат во училишните клупи?!

На само три недели пред стартот на учебната година сеуште неизвесност во однос на спроведување на наставата.

Иако ставот на работната група на МОН и Комисијата за заразни болести е наставата во новата учебна година да се следи со физичко присуство на учениците секаде каде што постојат услови и во зависност од епидемиолошката состојба во одредена средина, сепак усвојувањето на протоколите ќе биде стопирано, се додека свое мислење не произнесе и Синдикатот за образование и наука, откако претседателот на СОНК Јаким Неделков реагираше што како репрезентативен синдикат не биле вклучени во работната група на МОН за да се советуваат за протоколите. До утре се очекува од синдикатот да испрати свое мислење по што ќе се донесе одлука.

– Не бевме ниту прашани, ниту консултирани, а од нас како наставници и како вработени ќе се бара да ги спроведеме тие протоколи. Не тврдиме дека се лоши, но сметаме дека требаше да бидеме инволвирани во тоа за да видиме што е спроведливо, што не е спроведливо и ако не е добро наставниците да може да кажат ова да се поправи на ваков начин. – вели Јаким Неделков.

Според Неделков, најважна е безбедноста – на наставниците и сите вработени во училиштата, како и на учениците, и смета дека секоја општина треба да направи свој протокол според нејзините услови, а онлајн-настава да има само таму каде што е неопходно.

Од општина Карпош информираат дека тие се подготвуваат за сите можни сценарија Емилија Арсовска,раководител на одделението за образование во општината, вели дека не е доцна за протоколите, затоа што истите се диктирани од страна на епидемиолошката состојба, која постојано се менува, според неа од големо значење е физичкото присуство на учениците, особено на првачињата, кои треба да се запознаат со соучениците и наставничките.

– Општина Карпош ќе се прилагодува според бројот на заболени, имаме опција, прва, кога сите би оделе во училиште по 20 мин, втората кога би оделе комбинирано, и така и така. Сме направиле анализа, училишта кои оделе во една смена сега ќе одат во две, оние кои оделе во 2 сега би оделе и во 4 смени со скарени часови по 20 мин. – вели Емилија Арсовска.

Се е подготвено, реновирани и дезинфицирано, и за 217 ученици во централното училиште и 91 ученик од подрачните училишта во општина Пехчево да започнат со редовна настава. Во оваа општина нема ниту еден заразен со коронавирусот, а со тоа ниту потреба за онлајн настава, вели директорката на училиштето „Ванчо Китанов“, Добрила Јовевска.

„Немаме потреба од онлајн настава , подобро ќе биде за учениците, наставниците па и за родителите . Тие ученици се движат и се дружат и по улица, бидејќи сме мало место, не гледам зошто да не се дружат и во училиштето.“ – вели Јовевска.

Според заменик-министерката Наумовска, протоколите пред јавноста ќе бидат соопштени на 10 август, а директорите на училиштата ќе имаат една недела да направат план за своето училиште според насоките од министерството.

извор: 24.mk

Најнови вести

Коронавирус