недела, 13. јуни 2021. Вести денес: 75
home Вести

Учебници и наука за квалитетно образование, а не експерименти!

Учебници и наука за квалитетно образование, а не експерименти!

Чинот на читање е научено однесување кое ги користи нервните ткива кои се првично развиени за јазик, координација и вид. Во наставата како професори несебично ги вложуваме трудот и заложбите учениците да не го изгубат позитивниот однос кон книгата, да изградат естетски однос кон учебниците, а сега тоа свесно сака да се уништи. Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, особено воведувањето т.н. дигитални учебници кое е најавено како дел од новиот концепт во образованието предизвика огромна лавина и бура реакции во јавноста. Иронично е Закон којшто изобилува со печатни и правописни грешки, да се најавува дека ќе регулира и отстранува грешки од печатени учебници.

Поради пандемијата, но и поради неспроведените здравствени мерки на време од страна на надлежните, наставата и оваа, исто како и дел од минатата учебна година се реализира онлајн и може да се направи споредба, па како професор првично можам да извлечам кои се придобивките и проблемите на користењето дигитални учебниции (кои не се нешто ново во нашиот образовен систем) и печатени учебници. Решив да направам најпроста анализа на периодот откако започнавме со наставата на далечина досега врз основа на читање на текст и разбирање во споредба со минатите години и учениците. Една група читаше текст во печатена форма од учебникот, а втората група го читаше истиот текст на уред (телефон, таблет, компјутерски екран).

Двете групи го читаа истиот текст, односно сижето во кое раскажувањето на настаните е испревртено. Кога од нив побарав да ја определат фабулата, односно да ги подредат настаните по хронолошки редослед, втората група со е-читањето помина полошо. Заклучокот од резултатите е дека учениците кои читаат текстови во печатена форма постигнале значително подобар резултат на барањето за разбирање отколку учениците кои ги читаат текстовите дигитално.

Импликацијата е дека учениците кои учат од печатени учебници ќе учат подобро од оние кои учат од дигитални уреди. Но, за да има успешност со дигитални учебници, најпрвин треба да има дигитализирано образование, па потоа може да зборуваме за напредок кај учениците.

Оттука Министерката за образование и наука треба да одговори најпрвин на две клучни прашања:

Прво, дали има анализа и објаснување за часовите само со дигитални учебници и ефектите од учењето на учениците?

И второ, опис на ефектите од улогата на дигиталните учебници и технологијата во училницата?

Не може нешто што не е проверено со емпириски мерења за неговиот успех да се тврди дека е најдобро решение.

Послушајте ги практичарите, теоретичарите, а најповеќе наставниците: печатените учебници како основни, материјали за знаење!
Учебници и наука за квалитетно образование, а не експерименти!

Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература

ЕУРО 2020

Македонија