понеделник, 10. мај 2021. Вести денес: 98
home Вести

Учебната година започнува со предупредувачки штрајк: Голема поддршка за СОНК од другите синдикати

Учебната година започнува со предупредувачки штрајк: Голема поддршка за СОНК од другите синдикати

Првиот училишен ден на новата учебна година ќе почне со предупредувачки штрајк на просветните работници. Под притисок на членството, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура донесе одлука на 2 септември, првиот учебен ден, да стапи во предупредувачки штрајк.

Одлуката на СОНК уследи по долгите, за жал неуспешни преговори со Министерството за образование и наука и Владата околу процентот на зголемување на платата на просветните работници. Владиното покачување од 5 проценти не ги задоволи синдикалците, кои бараат покачување од 25 отсто.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, го повика членството на СОНК на дополнителни преговори, со ветување дека во иднина ќе има ново зголемување на платите, но без да го прецизира процентот и тајмингот. Тоа не го задоволи СОНК, па одлучи да стапи во предупредувачки штрајк. Синдикатот бара што можно побргу да се подобри и онака лошиот социо-економски статус на просветните работници во кој се наоѓаат.

Синдикатот на администрација и државна управа дава поддршка за протестот на СОНК

Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија – САДУ кој функционира во рамките на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија  дава целосна поддршка за најавениот штрајк на Синдикатот за образование, наука и култура – СОНК и ги охрабрува просветните работници да истраат во својата синдикална борба за подобрување на на нивниот социо-економски статус.

Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија денеска се огласи преку соопштение во кое наведува дека на располагање ја нуди својата логистика, односно нуди ресурси со цел, како што велат оттаму, да се врати достоинството на просветниот работник.

Синдикатот потсетува дека во изминатиот период повеќе пати реагирал за висината на платите во јавниот сектор и своите барање ги истакнал на протестите што ги организираше Конфедерацијата.

Затоа браќа и сестри , членови на СОНК,  Ве охрабруваме да издржите во борбата за остварување на Вашите легитимни барања и искрено се надеваме дека надлежните конечно ќе го слушнат работничкиот глас – порачуваат од САДУ.

Пензионерскиот синдикат на Македонија со поддршка за СОНК

Пензионерскиот синдикат на Македонија при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија ги поддржува легитимните барања на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, истакнаа од синдикатот, ексклузивно за Порталот Работник.

Од Пензионерскиот синдикат рекоа и дека воедно со тоа даваат поддршка на најавениот предупредувачки штрајк бидејќи сметаат дека  просветни работници заслужуваат повисака плата од причина што истите се под просекот на државата.Мораме да се исправиме пред предизвикот за да го вратиме достоинсвото на просветните работници кој се столбот на нашето општество.

Заклучија дека предложеното зголемување на платите во образованието е минимално и нема да има никаков ефект, со што на просветните работници ќе им опадне мотивацијата, а со тоа ќе опадне и квалитетот на идните кадри кои треба да ја водат државата во иднината.

СПТОМ: Целосна поддршка за штрајкот на СОНК

Синдикатот на поштенските и телекомуникациските оператори на Македонија (СПТОМ) изразува целосна поддршка за оддржувањето на предупредувачкиот штрајк на СОНК кој е предвиден за почетокот на учебната година. Во писмото за поддршка на СПТОМ се вели:

“Сметаме дека солидарноста е клучна во остварувањето и унапредувањето на работничките права и искрено се надеваме дека нашите колеги од просветата ќе се изборат за достигнување на плата достојна за нивната професија.

Како синдикат, сметаме дека силата е во сплотеноста и ги охрабруваме просветните работници, да останат сплотени и да го искористат штрајкот како легитимен механизам за остварување на нивните права.”

 

Коронавирус