вторник, 25. јануари 2022. Вести денес: 1
home Вести

Уценувале бизнисмен за 75.000 евра – приведени вработен во АНБ и обвинет за „27 април“

Уценувале бизнисмен за 75.000 евра – приведени вработен во АНБ и обвинет за „27 април“

Две лица, со иницијали М.М В.С синоќа биле приведени во акција на МВР за уцена на бизнисмен како дел од истрагата што ја спроведува Обвинителството за организиран криминал. Едниот е вработен во Агенцијата за национална безбедност. Вториот е еден од амнестираните за настаните од 27 април 2017 година во Собранието, а беше обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Сепак, потоа беше амнестиран бидејќи бил во групата обвинети кои директно не учествувале во насилствата.

„На 04.11.2021 полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за криминалистичка полиција до ОЈО Скопје, поднесоа кривична пријава против М.М.(32) и В.С.(31). Против М.М. поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „Измама“, предвидено и казниво по член 247 став 3 вв став 1 од Кривичниот законик, а против В.С. поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „лажно претставување“ предвидено и казниво по член 391 од Кривичниот законик“, посочуваат од МВР.

Првопријавениот М.М. во текот на 2020 и 2021 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, пред оштетените лица лажно презентирал факти дека наводно поседувал информации според кои ОЈО за гонење организиран криминал и корупција води постапка против повеќе физички и правни лица. Притоа, за да го увери во вистинитоста на своите тврдења, на еден од наводно осомничените во таа постапка му прикажал Наредба со невистинита содржина, која ја изработил на својот приватен компјутер, за наводно отварање на предистражна постапка од страна на основно јавно обвинителство, со што го довел во заблуда оштетеното лице. Тој од него побарал парична награда од 75.000 евра.

М.М. служејќи се со лаги и манипулации го навел оштетениот да му даде 5.000 евра кои ги зел на 3-ти овој месец на нивна средба во угостителски објект во Скопје.

Иако Основното јавно обвинителство Скопје побара притвор за двајцата осомничени лица во случајот, сепак се предомислило и за еден од осомничените и го повлекло предлогот.

„По спроведувањето на двете лица во Кривичен суд на рочиштето за одлучување по поднесениот предлог, надлежен јавен обвинител го повлече предлогот за еното лице и предложи поблаги мерки за обезбедување присуство“, велат од ОЈО.

Оттаму додаваат дека за првоосомничениот со иницијали М.М., кој се гони за делото измама, е прифатен предлогот и судија на претходна постапка му определил притвор од осум дена бидејќи станува збор за предмет по скратена постапка. На второосомничениот за лажно претставување, пак, откако обвинителството побарало поблаги мерки, судијата му го одзел пасошот и му наложил повредено да се пријавува во судот.

Коронавирус