петок, 4. декември 2020. Вести денес: 1
home Вести

Туристичките работници во брод без капетан и појаси за спасување!

Туристичките работници во брод без капетан и појаси за спасување!

Нови мерки ни на повидок, а за иновативни мерки воопшто и не помислуваат! Оваа влада ниту некогаш имала јасна визија за развој, ниту пак сега има визија за тоа како ќе го опоравува туризмот. Затоа ги остави туристичките работници како сирачиња кои прегладнети ја очекуваат својата корка леб.

Нема државнички и храбри потези, а без нив туристичките работници кои се задолжија ќе доживеат банкрот и нема да опстанат. Она што е сигурно е дека на надлежните туризмот не им е приоритет и затоа со прст не мрдаат за да ги спречат понатамошните отпуштања и да влеат доверба и кај работодавачите и кај вработените во туризмот, како и кај самите туристи, кои исто така, имаат и ќе имаат свои побарувања.

Први мај е период кој секогаш беше предвесник на богатата туристичка сезона, време во кое секоја лединка и секој угостителски објект беше преполн со луѓе, музика, смеа…и секако оние без кои не се може – растрчани и во исто време преполни со енергија и насмевки за секој посетител – туристичките работници – лицето на нашата најубава Македонија.

Денес, полни со неизвесност за својата иднина, но сепак повторно растрчани и надежни за денот потоа, кој токму тие, најсилно од сите посакуваат да се случи…утре!

Но, кој се грижи за нив и нивните работни места?! Владите на другите држави веќе осмислуваат најразлични пакети за спас на сезоната, имаат подготвени сценарија, промовираат домашен туризам, потпишуваат билатерални договори, нудат попусти, имаат план како да го спасуваат туризмот и туристичките работници…

-Италијанскиот остров Сицилија ги повикува туристите да летуваат дома, а освен тоа, властите таму одлучиле на туристите да им ги покријат трошоците, односно да им платат половина од авионската карта и третина од хотелските трошоци, како и да им поделат бесплатни карти за многу музеи и археолошки атракции;

-Грција, со цел да овозможи барем скратена туристичка сезона од јули, планира воведување на задолжителен „здравствен пасош“ како доказ дека патникот што влегува во земјата не е преносител на зараза;

-Австрија пак, намерава на својата територија да ги пушта туристите од земјите кои добро ја совладале пандемијата; -Министрите за туризам на земјите-членки на ЕУ ја разгледуваат можноста за воведување на „туристички коридори“ помеѓу државите на Унијата….

-Хрватска, маркетингшките активности ги насочи кон промоција на убавите предели и раскажува убави приказни без скапи ТВ спотови, туку преку социјалните мрежи, само за да ја поттикне желбата и да си ја зголеми туристичката побарувачка, што на сите ќе им донесе повеќе работа и побрзо опоравување после кризата…; Секако, нашата власт не може да се споредува со владите на наведените земји, но секогаш може да учи од нив!

А кај нас?! Кај нас сè застана, па и грижата за туристичките работници. Она што тие го добија од државата не е доволно ни за прва помош! Власта ги прекрсти рацете чиниш очекува нештата сами од себе да започнат да се средуваат, како да се убедени дека сè ќе продолжи онаму каде што застана и тоа без никакви последици!

Крајна незаинтересираност или можеби, безидејност!?

Никаква препораки, никакви критериуми, никаков став…за туристичките работници да знаат што да очекуваат и на што да се надеваат!

Туризмот е моторот на идниот развој на оваа земја, а туристичките работници заслужуваат најдобар третман и најголема грижа. Затоа, ни во сон не помислувајте да им свртите грб! Сторете сè за да им овозможите утре достоинствено да живеат од својата чесна и посветена работа.

Во спротивно, туристичките работници ги оставате на бродот…ем без капетан – ем без појаси за спасување!

Колумна на Лидија Петкоска Дипломиран менаџер за туризам и угостителство

Најнови вести

Коронавирус