Во денешното издание на емисијата “Добро утро, секое утро” гостуваше претседателот на комисијата за земјоделие при ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски кој се осврна на моменталната ситуација со пресушените езера, како и други проблеми поврзани со водните капацитети на државата.
Трипуновски уште на почетокот истакна дека власта ниту се интересира, ниту пак реагира во однос на проблемите кои Република Македонија ги има со водните акумулациски капацитети, кои се повеќе се намалуваат, а некаде веќе се пред колапс.
Според Трипуновски, речиси сите езера во Република Македонија се со над 70% опаѓање на капацитетот, што претставува сериозен губиток на вода, а со тоа и ги намалува капацитетите за обработка и производство на електрична енергија.
-Покрај празнењето на езерата, егзодус се случува и во однос на рибите кои се одгледуваат на повеќето езера. Најголем проблем имаат стопанствениците кои имаат сопствени рибни капацитети, кои во моментов се во голема опасност, односно одреден дел веќе се соочува со помор на рибите, додаде Трипуновски.
-Загрижувачки и поразително е покрај сите апели да не се реагира во однос на оваа појава, знаејќи дека покрај производството на електричната енергија, засегнати се и земјоделците кои водните капацитети ги користат за наводнување на земјоделските површини, заврши Трипуновски.