недела, 29. ноември 2020. Вести денес: 64
home Вести

Тримчевска: МОН да ја сфати сериозноста на моментот, веднаш да се укине државната матура

Тримчевска: МОН да ја сфати сериозноста на моментот, веднаш да се укине државната матура

Хаосот во образованието наместо да се средува, тој само се зголемува. Цел месец преку медиуми и преку пресови го повикуваме министерот за образование да преземе чекори, а и му нудиме решенија за успешно завршување на наставната година, ова денеска преку прес-конференција го истакна Милка Тримчевска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Наместо решенија, од врвот за образованието, од МОН, се испраќаат недоречености, постојани дописи со неостварливи барања. Тоа создава притисок и врз учениците и врз наставниците, нервозни родители и ученици заради неорганизираност, уплашени наставници заради лоша интернет конекција со системот. И тоа се само неколку елементи кои што во услови на вонредна состојба ја дополнуваат и онака веќе видливата тензија. Власта и надлежните во министерството мора да ја сфатат сериозноста на моментот и конструктивната помош која што ја нудиме. Уште еднаш нагласуваме, предлагаме. Веднаш да се укине државната матура, и сите чинители да се ослободат од стресот за текот на полагањето. Оние на кои што ќе им биде потребна, полагање на матурата да се закаже во септември. Веднаш да сопрат заканите до наставниците со казни од Државниот просветен инспекторат. Веднаш МОН и БРО да изготват скратена програма до завршување на наставната година, со јасни насоки до наставниците како да постапуваат по неа, вели Тримчевска.

Таа додава дека да се растеретат наставниците од неизводливото реално оценување.

-Е-Дневникот не функционира. Да не се инсистира на негово пополнување со програма која не е реализирана, туку да се сведе на бележење на реално оствареното. Да се обезбеди обука за родителите на децата со посебни образовни потреби за обезбедување на континуитет и усвојување на основни, елементарни знаења. Ова се само дел од мерките и решенијата и инсистираме министерот за образование итно да ги спроведе, бидејќи се најитни за успешно завршување на наставната година. Доколку министерството смета дека му е потребно дообјаснување, слободно може да не повика на помош. Во ова време на болест и страв, на учениците да им го понудиме реално изводливиот максимум, да побараме од нив да бидат одговорни и исполнителни, да ги научиме на истрајност и корисно потрошено време. На наставниците им предлагаме да се подготват да го надоместат пропуштеното, само есенцијалното, на почетокот на идната година, на родителите да останат смирени, а на сите им препорачуваме во овие тешки моменти да си го чуваат здравјето и да седат дома, рече Тримчевска.

Коронавирус