петок, 4. декември 2020. Вести денес: 37
home Вести

Колумна на Марија Апостолова-Николовска: Триаголникот стана „изместен” четириаголник

Колумна на Марија Апостолова-Николовска: Триаголникот стана „изместен” четириаголник

Дете, родител, наставник беше некогаш триаголник. А, денес е чуден четириаголник, дополнет со дигитализацијата во образованието.

Променета  улога на наставникот, променета улога на родителот, влијанието на интернетот и сите социјални медиуми резултираат со промена на однесувањето кај нашите деца, а и кај сите нас. Наставникот, професорот сега е во улога на медиум, презентер, а изгубената воспитна компонента воопшто и ја нема. Родителот пак, сега во овие услови се труди да биде наставник но, оваа тешка задача е голема воспитна потреба за сите. А, третата страна во случајов компјутерот и интернетот за жал  ги преземаат улогите на родителот и наставникот.

Далечинското учење се претвора во домашно учење.

Но, прашањето е кој кого дома учи? И како се учи дома? Наставниците ги учат децата? Родителите ги учат децата? Или децата ги учат родителите со компјутерите или пак обратно? Истовремено, дали секој може да учи дома? Дали видео лекциите се исти за сите? Дали ги разбираат сите?

Кој ќе биде ефектот од сето ова и како ќе заврши?

Или мораме, како и сите други и ние?!

Зошто секогаш се мора, а не колку и дали е неопходно?

Во овие услови, учењето на далечина за децата станува „лепење” за компјутерите, таблетите, телевизорите, за да видат можеби некој другар, пријател, за да испратат некоја слика, текст. Навистина тешко на очите, тежок период во кој улогите се променети и можеби само компјутерот не зборува и со него е најлесно ние луѓето да се разбереме. Улогите се променија, вредностите уште повеќе.

Учењето на далечина во нормално време е нешто кое треба да ни биде предизвик но, само тогаш кога ќе бидат обезбедени подеднакво услови за сите.

Кога и Марко во Чучер ќе има компјутер како и Мартин во Центар, кога и Елена во Држилово ќе има интернет како Ерхан во Липково, кога ќе можат да бидат обезбедени сите можности и ресурси и за оние на кои им е најнеопходно. Сите имаат право на образование!

Колумна на Марија Апостолова Николовска, доктор по педагошки науки

Коронавирус