петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 125
home Вести

Три родилки со коронавирус во гинеколошка болница Чаир, криеле контакти, а 18 медицински лица завршиле во изолација

Три родилки со коронавирус во гинеколошка болница Чаир, криеле контакти, а 18 медицински лица завршиле во изолација

Три родилки кои се породиле во скопската гинеколошка болница Чаир,не кажале дека имале контакт со позитивен на КОВИД-19, а потоа се докажало дека и тие имаат коронавирус. Директорот на Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ Башким Исмаили за Сдк.мк вели дека 18 медицински работници во моментов се во изолација бидејќи овие три пациентки не давале точни податоци кога им била правена епидемиолошката анкета.

Една од родилките чиј сопруг бил позитивен ја откривме пред да ја однесеме во родилната сала. Веднаш со возило на Брза помош ја пренесовме на Клиниката за гинекологија. За другите две родилки дознавме дека имале позитивен член на семејството, а потоа и тие се заразиле откако беа пуштени од болница. Навистина, криењето е голем проблем со кој се соочуваме. Апелирам и ги молам родилките, но и сите други пациенти да бидат искрени при епидемиолошката анкета. Сите пациенти се потпишуваат на анкетниот лист кога ја даваат изјавата. За недавање на неточни податоци треба да се одговара, вели за СДК директорот Башким Исмаили.

Во моментов Скопската специјална болница за гинекологија во Чаир работи со намален број на медицински кадар бидејќи 18 лица се во изолација. Директорот Исмаили вели дека дел од нив се заразени со КОВИД-19 и затоа е многу важно пациентите да бидат искрени за да ги заштитат здравствените работници.

„Нема да има кој да ги лекува граѓаните ако не ни даваат точни и искрени информации. Ние сите пациенти веќе ги примаме под стоги протоколи. Вработените, сестрите, докторите носат маски и визири. Маски им даваме и на сите родилки. Но, не можеме постојано да ги контролираме дали ги носат маските цело време додека лежат во болница“, вели Исмаили.

Откако почна епидемијата на КОВИД-19 кон средината на март, во гинекологија Чаир се праќаат сите пациенти од Скопје, бидејќи на Клиниката на гинекологија се примаа само пациентки со комплицирани бремености, суспектните и позитивните случаи. Директорот вели дека за разлика од другите години во овој период имаат за 40 отсто зголемен обем на работа, но со оглед на големиот број изолирани медицински лица, работат и со помалку кадар, па кај колективот се чувствува премореност.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат го испитува и случајот со родилка која лажно се претставила како лекарка и скрила дека нејзиниот свекор бил позитивен на КОВИД-19 кога дошла да се пораѓа на Клиниката за гинекологија во Скопје. Кога вработените добиле информации дека родилката има позитивен член на семејството, и побарале да биде тестирана, таа се навредила и отишла да се породи во приватната болница „Ремедика“. И таму скрила дека дека имала контакт со позитивен на КОВИД-19.

Како резултат на тоа неодговорно однесување петнаесетина медицински лица од двете родилишта сега се во изолација, а самата родилка како заболена завршила на лекување на Инфективната клиника. Новороденчето е здраво, пишува сдк.мк.

Коронавирус